Османи со претседателот на Колумбија, Петро разговара за „јакнењето на Косово на меѓународната сцена“

Претседателката на Косово, Вјоса Османи е пречекана денеска во Богота со високи државни почести од незиниот домаќин, претседателот на Колумбија, Густаво Петро, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку нејзината официјална страница на Фејсбук, Османи информира дека со колумбискиот хомолог, меѓу другото, разговарала за „јакнењето на Косово на меѓународната сцена“.

„Колумбија покажа особена почит и љубезност кон Косово и нашите граѓани при мојата официјална посета на оваа земја, што е воедно и прва посета на шеф на држава од Косово на Колумбија. Разговаравме за можностите за соработка во различни области како што се безбедноста, туризмот, економијата и културата, како и за јакнењето на Косово на меѓународната сцена. Бескрајно благодарна за поддршката за Косово!“ напиша Османи.

Косовската претседателка вчера во Богота присуствуваше на инаугурацијата на амбасадата на Косово во Колумбија.

Како што соопшти кабинетот на Османи, таа во Колумбија, исто така, ќе учествува на Меѓународната конференција на Иницијативата за спречување на сексуалното насилство, каде освен што ќе биде главен говорник на свеченото отворање на конференцијата, ќе биде и говорник на панелот на кој ќе се говори за прашањето на децата кои преживеале сексуално насилство во воен конфликт. 

МИА

Најчитани вести