„Тагувањето за дете е најголема болка!“: Познатите личности ги откажуваат концертите поради трагедијата во Загреб

Денеска се случи голема трагедија во Хрватска –  19-годишно момче со нож нападна учителка и неколку ученици во основното училиште Пречко во Загреб, при што е убиено седумгодишно дете, седум други се ранети од кои пет деца и двајца возрасни.

Хрватската Влада донесе одлука утре да биде Ден на жалост, а бројни познати личности ги откажаа своите концерти во наредните неколку дена.

Пејачката Северина го откажа својот концерт во Копер, Словенија и порача: „Кога душата плаче, јас не можам да ви го дадам тоа што го очекувате од мене“.

„Нè спојува истата крв, нè спојува песната, но и болката. Тагувањето за дете е најтешката болка.

Поради невидената трагедија во основното училиште ‘Пречко’ во Загреб, каде загина едно девојче, а беа повредени уште неколку ученици и професори, го откажувам вечерашниот концерт во арената ‘Бонифика’ во Копер и утрешниот концерт во салата ‘Головец’ во Целје“, напиша Северина.

Јелена Розга, пак, ги откажа претстојните два концерти во Сава центар во Белград.

„Јас сум згрозена и скршена поради трагедијата во загрепското училиште, не можам да пеам вечерва и утре во Сава центар. Изразувам најдлабоко сочувство до сите кои беа трогнати од овој хорор. Концертите на 20 и 21 декември се одложени, новите концертни датуми се 16 и 17 јануари 2025. Ќе има време за песна, сега е време за тишина“, рече пејачката.

Хрватскиот пејач Матија Цвек го одложи настапот закажан за сабота во Огулин.

„Длабоко потресен од денешните настани, го откажувам настапот во Огулин на 21 декември. Во тишина сме и се молиме за сите жртви и семејството на починатото девојче“, напиша 31-годишниот пејач на Инстаграм.

Одложен концертот и на „Бајага и Инструктори“ во Риека.

„Поради трагичниот настан кој денеска го потресе Загреб и цела Хрватска, концертот на Бајага и Инструктори планиран за вечерва е одложен за недела, 29 декември. Денешната трагедија, во која едно дете го загуби животот, а пет лица беа повредени длабоко не потресоа. Нашите мисли се со семејствата и пријателите на жртвите и им посакуваме брзо закрепнување“, велат организаторите.

Најчитани вести