Видеото стана вирално: Средношколец одби да се ракува со словачкиот претседател оти лажел за неговиот противник

Словачкиот средношколец Симон Оманик, кој освоил бронзен медал на Меѓународната математичка олимпијада, стана популарен на социјалните мрежи откако одби да се ракува со словачкиот претседател Петер Пелегрини. Словачкиот медиум „Денник Н“ објави детали од интеракцијата.

Имено, претседателот бил домаќин на 35 средношколци кои освоиле медали на меѓународни олимпијади, а наградите им ги доделувал министерот за образование Томаш Друкер.

Повеќето ученици се ракувале и со министерот и со претседателот, освен еден, деветнаесетгодишниот Омани.

Тој за „Денник Н“ изјавил дека неговиот чин не бил ароганција, туку израз на политичко несогласување со претседателот.

„Имам личен и политички проблем со претседателот Пелегрини бидејќи дојде на функцијата со измами и лаги. За време на кампањата го обвини неговиот противник Иван Корчок дека ја води земјата во војна со Украина, што беше измислица“, изјавил Оманик.

Тој додаде дека да не лажел Пелегрини, немало да стане претседател и да биде присутен на доделувањето на наградите.

„Не се согласувам со неговите популистички ветувања и начинот на кој тој користи страв и антиукраински чувства за да освои политички поени“, изјавил средношколецот.

Оманик посочи дека Владата треба повеќе да инвестира во образованието и да ги поддржува учениците, наместо да троши средства за претседателски луксузни одмори.

„Владата треба да го финансира нашето образование, а не летувањата на претседателот во луксузните хотели во Виетнам“, изјавил младиот математичар.

Најчитани вести