Шон Бејкер освои четири златни статуетки на синоќешното доделување на Оскарите, израмнувајќи го рекордот кој 70 години го држеше Волт Дизни, едно од најголемите имиња во Холивуд.
Со освојувањето на Оскарите за најдобар филм, најдобра режија, најдобра монтажа и најдобро оригинално сценарио за филмот „Анора“, Шон Бејкер стана дури втората личност што го направила тоа.
Во 1954 година, Волт Дизни доби Оскари за најдобар документарен филм (The Living Desert), најдобар документарен краток филм (The Alaskan Eskimo), најдобар анимиран краток филм (Toot, Whistle, Plunk and Bloom) и најдобар краток филм (Bear Country).
За разлика од него, Бејкер ги освои сите четири награди за еден филм, односно победи во сите категории во кои беше номиниран, додека петтиот Оскар за филмот „Анора“ припадна на Мајки Медисон за најдобра женска улога.
Ако сака да го „брка“ успехот на Дизни, на Шон Бејкер му претстои долг пат, бидејќи славниот Дизни имаше вкупно 22 Оскари.


