Снегот во Србија предизвика хаос: Црна трева отсeчена, на многу места илјадници луѓе без струја

Снегот што паѓа од вчера во Србија предизвика хаос, а вонредна состојба е прогласена на четири места – Ивањица, Нова Вароша, Медвеѓа и во областа Ариље.

Поради обилните снежни врнежи што паднаа на територијата на Ариље во последните 24 часа, вонредна состојба е прогласена во дел од општината, изјави претседателот на општината, Предраг Маслар.

„Најтешко е во селата Добраче, Бјелуша, Бреково, Висока, Радошево и Крушчица, каде што над 1.500 жители се без електрична енергија. Сите расположиви екипи се на терен и работат на санирање на штетите предизвикани од паѓање дрвја и оштетување на далноводите“, рече Маслар, пренесува РТС.

Црна Трава не се сеќава на катастрофа од поголеми размери, изјави за РТС, претседателот на оваа општина, Славољуб Благојевиќ.

Во моментов, до Црна Трава е невозможно да се стигне од кој било правец, сите регионални и локални патишта се непроодни.

Нема фиксен ниту мобилен телефон, па затоа се практично отсечени од светот.

Штетите на електричната мрежа се огромни, далноводите се прекинати насекаде, екипите на Електродистрибуција ги поправаат дефектите само на местата до кои можат да стигнат пеш.

Исто така, голем број села без електрична енергија има во општина Медвеѓа. Многу патишта во ридско-планинскиот предел се непроодни бидејќи снегот соборил дрвја.

Поради обилните снежни врнежи што веќе два дена паѓаат во нововарошкиот крај, најголемиот дел од општината, повеќе од 80 проценти од домаќинствата се без електрична енергија бидејќи снегот има скинати кабли и скршени столбови.

Во делот на Нова Варош нема електрична енергија, а целиот град е без вода од завчерашната ноќ.

На неколку места во Божетиќи, работниците на училиштето „Кнезова Рашковиќа“ и Здравствениот дом, со помош на мештаните, ги отстранија паднатите дрвја за да можат да се вратат на работа.

Проблеми со електричната енергија се евидентирани и на други места, објави Н1.

Најнови вести

Најново од Балкан

Најчитани вести