Во Италија, рано утрово на автопатот А2 во близина на Реџо Калабрија на југот од земјата било нападнато и ограбено блиндирано возило за транспорт на пари.
„Кориере дела Сера“ објави дека грабежот се случил околу 6:30 часот наутро на делницата помеѓу Сила и Банџара и дека целта било возило на компанијата „Сикуртранспорт“, од кое биле украдени два милиони евра.
Се наведува дека криминалците го блокирале сообраќајот на тој дел со поставување на неколку автомобили кои ги запалиле, а исто така и расфрлиле шајки по автопатот, принудувајќи го блиндираното комбе да застане.
Потоа криминалците испукале неколку куршуми во правец на возилото, но никој не бил погоден.
Разбојниците ги принудиле чуварите да ги предадат парите, а потоа избегале.
Италијанскиот весник објави дека полицијата во меѓувреме пристигнала на местото на нападот и трага по разбојниците.


