Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој им се дозволува на кинеските граѓани да патуваат во Русија без виза.
Како што е наведено, врз основа на таа одлука, кинеските граѓани ќе имаат право да влегуваат и престојуваат во Русија не подолго од 30 дена како туристи, за посета или од деловни причини, како и да учествуваат во образовни, културни, економски и спортски настани, до 14 септември 2026 година, земајќи го предвид принципот на реципроцитет, објави РИА Новости.
Кинеските граѓани ќе можат да патуваат и транзитно или да ја напуштат Русија без виза, под услов да имаат регуларен кинески пасош.
Овие правила, сепак, не важат за оние кои доаѓаат во Русија за да извршуваат работни активности, вклучително и работата на новинарите, или за студирање.
Одлуката стапува на сила од први декември, соопшти руската агенција.


