Русија покрена истрага против основачот на Телеграм

Руските власти денес објавија дека започнале истрага против основачот на Телеграм, Павел Дуров, за кривични обвиненија поврзани со тероризам, додека Москва презема чекори за блокирање на платформата за пораки.
„Дејствијата на лидерот на Телеграм, Павел Дуров, се истражуваат во кривична постапка за кривично дело согласно Дел 1.1 од член 205.1 (поддршка на терористички активности) од рускиот Кривичен законик“, објави рускиот државен весник „Росијскаја Газета“.

Весникот тврди дека Телеграм станал алатка на НАТО и Украина, која е широко користена од радикали и терористи и дека претставува „закана за руското општество“.

Телеграм не одговори на барањето за коментар од британската агенција Ројтерс.

Апликацијата постојано ги негираше руските тврдења дека е рај за криминални активности и дека е компромитирана од западните и украинските разузнавачки служби.

Од своето основање во 2013 година, Телеграм стана еден од најважните извори на информации во Русија, вклучително и за војниците од двете страни на линијата на фронтот во источна Украина.
Апликацијата ја користи Кремљ, како и блогерите и оние кои го поддржуваат рускиот претседател Владимир Путин.

Телеграм е исто така алатка за групи во странство кои се противат на рускиот претседател и за украинските функционери, вклучувајќи го и претседателот Володимир Зеленски.

Москва веќе неколку месеци се обидува да ја заостри својата контрола врз Телеграм. Руските власти прво ги забавија гласовните и видео повиците, а потоа накратко ја блокираа апликацијата за некои корисници на почетокот на февруари, објави Данас.рс.

Најчитани вести