Земјите членки на ОПЕК+ денес одржаа состанок на кој се согласија на умерено зголемување на производството на нафта во услови на нов бран напади врз Иран и поширокиот регион.
Групата водечки производители на нафта соопшти дека ќе го зголеми дневното производство за 206.000 барели, по паузата на постепените зголемувања што беа стопирани на почетокот на годинава. Во четвртиот квартал од 2025, ОПЕК го зголеми производството за 137.000 барели дневно.
Иако конфликтот не беше спомнат во официјалното соопштение, ОПЕК ќе продолжи „внимателно да ги следи и проценува состојбите на пазарот“.
Зголемувањето на производството може делумно да го ублажи очекуваниот раст на цените на нафтата кога фјучерс берзите ќе се отворат вечерва. Сепак, енергетските аналитичари не очекуваат дека оваа мерка ќе има значително влијание врз стабилизирањето на цените.
„Се наоѓаме во период на висока неизвесност“, изјави Ден Пикеринг, основач и главен инвестициски директор на „Пикеринг Енерџи Партнерс“ и додаде дека „веројатно ќе има значителни осцилации во следните 72 часа.“
Иран нападна повеќе соседни земји, но засега не изврши ракетни напади врз нафтени полиња и рафинерии на други држави, како што тоа го правеше во минатото. Според Пикеринг, цената на нафтата најверојатно ќе порасне во недела навечер поради ризикот од намалено снабдување од Блискиот Исток. Доколку дојде до реално нарушување на снабдувањето, цената лесно би можела да ја надмине границата од 80 долари за барел, во однос на околу 70 долари колку што изнесуваше при затворањето на берзите во петокот.
Дополнителен фактор е и Ормускиот Теснец – тесниот морски премин низ кој поминуваат околу 20% од светските количини на нафта. Иран го контролира северниот брег на теснецот, а бродскиот сообраќај низ оваа клучна точка е значително намален. Не е јасно колку долго ќе трае нарушувањето, но според аналитичарите, тоа можеби и не е пресудно.
„Не е потребно физички да се запре транспортот на нафта за цените нагло да пораснат“, посочи Најџел Грин, основач и главен извршен директор на „деВере Груп“. „Само зголемените трошоци за осигурување, пренасочувањето на бродовите и превентивното складирање можат да создадат очекувања за намалена понуда.“
Аналитичарите не очекуваат ОПЕК да го зголеми производството значително повеќе, дури и во случај на скок на цените. По континуираното зголемување на производството во текот на 2025 година, земјите производители располагаат со ограничен дополнителен капацитет.


