Руското Министерство за транспорт денеска потврди дека украински поморски дрон нападнал танкер за течен природен гас (LNG) кој пловел под руско знаме во Средоземното Море.
Потврдата следуваше по претходните извештаи дека бродот се запалил во близина на Малта, објавува „Москва тајмс“.
Според соопштението на Министерството, нападот се случил вчера во близина на малтешките територијални води, а целта бил танкерот „Арктик Метагас“.
„Танкерот превезувал товар од пристаништето Мурманск, а целата документација била во целосна согласност со меѓународните прописи“, се наведува во соопштението за медиумите.
Министерството тврди дека украинскиот поморски дрон што го нападнал танкерот бил лансиран од брегот на Либија. Тие го нарекоа инцидентот „чин на меѓународен тероризам и пиратство“.
Сите 30 члена на екипажот на танкерот биле спасени од малтешки и руски спасувачи, објави Министерството за транспорт.
Британските медиуми пренесуваат дека завчера вооружените сили на Малта добиле повик за помош од бродот „Арктик Метагас“, што е под американски и британски санкции. Екипажот подоцна беше пронајден во чамец за спасување во либиската зона за пребарување и спасување.
Снимки, на кои се гледа како бродот гори во текот на ноќта, се појавија на социјалните мрежи, но нивната автентичност не можеше независно да се потврди. Досега нема коментари од Украина за овој инцидент.
МИА


