Тренерот на Арсенал, Микел Артета, ги искажа впечатоците за вчерашниот пораз од Манчестер сити во 33. коло од англиската Премиер лига.
Натпреварот се одигра на стадионот „Етихад“ во Манчестер и заврши 2:1 во корист на „Граѓаните“.
-Сакавме да постигнеме добар резултат, направивме многу правилни работи за да ја доведеме играта таму каде што сакавме. Имавме големи шанси, но не ги реализиравме и тоа е реалноста, изјави Артета за „Би-би-си“.
Тренерот одговори и на прашањето дали сè уште има верба во себе и во тимот по поразот.
-Им верувам на моите фудбалери 100 %. Ни недостасуваат неколку клучни играчи. Ни требаат што е можно поскоро назад бидејќи треба да станеме посилни и подобри. Премиер лигата практично почнува одново. Тие имаат натпревар помалку, ние сме три бода понапред, додаде Артета.
Арсенал е на врвот на табелата во Премиер лигата со 70 бода. Манчестер сити е втор со 67 бода и еден натпревар помалку.
Во следното коло „топџиите“ ќе бидат домаќини на Њукасл на 25 април, а „граѓаните“ ќе играат на гостински терен против Барнли на 22 април.
МИА


