Австралија го регистрира најлошото жариште на дифтерија во изминатите децении

Австралија се бори со најлошото жариште на дифтерија во изминатите децении, пренесе ДПА.

Повеќе од 220 луѓе веќе се заразени, а северниот дел на земјата е особено тешко погоден. Главната причина за ширењето е наглиот пад на стапката на вакцинација, јави денеска радиодифузерот „Еј-Би-Си“, цитирајќи ја владата во Канбера.

Новите податоци покажуваат дека стапката на рутинска имунизација кај децата, која вклучува и основна вакцинација против дифтерија, опаѓа петта година по ред. Властите сега подготвуваат пакет поддршка за проширување на кампањите за вакцинација.

Министерот за здравство Марк Батлер го опиша жариштето како „многу загрижувачко“.

– За да го ставиме ова во контекст, ние ги евидентираме бројките на случаи на национално ниво веќе околу 35 години, и ова, со многу голема разлика, е најголемото жариште на дифтерија што некогаш сме го виделе – нагласи тој.

Бројот на случаи е околу 30 пати повисок од просекот во изминатите пет години.

Дифтеријата е високозаразна бактериска инфективна болест. Респираторната форма може да ги зафати носот, грлото и дишните патишта, додека таканаречената кожна дифтерија ја зафаќа кожата. Се шири преку капки при кашлање или кивање, или преку директен контакт со инфицирани рани.

И покрај антибиотиците, околу 10 проценти од пациентите со тешки респираторни симптоми умираат, според здравствените власти.

Болеста се сметаше за речиси искоренета во Австралија од 1950-тите години.

Домородните заедници во Северната Територија се особено погодени од ова жариште, каде што има и недостиг од здравствен кадар во регионот.

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), околу 16.600 случаи на дифтерија биле пријавени ширум светот во 39 земји во 2018 година. Убедливо најголем број случаи имало во Индија. 

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести