Битиќи: Дали Mицкоски и Кочоска веќе најавија и ново задолжување од 350 милиони евра врз грбот на граѓаните?

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната прес-конференција во Собранието, побара од премиерот Мицкоски и од министерската за финансии Кочоска, да одговорат дали подготвуваат ново задолжување од околу 350 милиони евра, што ќе значи нова должничка епизода.

„Сакам да поставам и дополнително прашање до Владата и министерката Кочоска: дали со објавата на Фејсбук веќе ја најави и следната должничка епизода од околу 350 милиони евра за остатокот од еврообврзницата што треба да се сервисира во јуни? Тоа се нови 350 милиони евра на грбот на народот“, истакна Битиќи.

Тој посочи дека Владата постојано зборува за економска стабилност, но во пракса, секој месец отвора простор само за нови задолжувања.

„Владата зборува за економска стабилност, а секој месец тропа на нова врата за задолжување. Снемува пари во Буџетот. Погрешните политики на Мицкоски и Кочовска во економијата, ја туркаат Македонија и иднинте генерации во должничко ропство“, рече Битиќи.

На прес-конференцијата, Битиќи нагласи дека Владата брзаше со носењето на одлуката за задолжување од 260 милиони евра, при што, ги прекрши собраниските процедури и потсети дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе интерпелација и кривична пријава против претседателот на Собранието .

„Толку многу им се брзаше на Владата на Мицкоски со новото задолжување што веднаш после празникот, спротивно на деловникот и процедурите, го ставија на дневен ред во Собранието задолжувањето од 260 милиони евра. Станува збор за грубо кршење на процедурите и злоупотреба на Собранието. Поради тоа СДСМ како што најави ќе поднесе интерпелација и кривична пријава против претседателот на Собранието“, истакна Битиќи.

Воедно, Битиќи укажа дека состојбата во Буџетот е сериозна и дека власта со нови кредити ги покрива финансиските проблеми што самата ги создава.

„Буџетот очигледно е пред колапс, пари нема за ништо, па затоа власта секој месец оди со нови задолжувања за да ги покрива дупките што сама си ги создаде. Нема пари за повисоки плати и пензии, нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за земјоделците и за поголеми субвенции, но има милиони за нови долгови и криминални тендери“, рече Битиќи.

Тој додаде дека за само две години, Владата на Мицкоски создаде нов долг од 2,5 милијарди евра, а јавниот долг се зголеми на историски највисоки 11 милијарди евра, долг што ќе го плаќаат идните генерации. Воедно, Битиќи укажа дека условите под кои Владата се задолжува се доказ за недовербата на меѓународните финансиски пазари кон економските политики на Владата.

„Ова задолжување е доказ дека меѓународните финансиски пазари не се инпресионирани од триумфални пораки дека Северна Македонија се движи кон врвот на европските економии, дека сме на пат да станеме меѓу „трите најбрзорастечки економии во Европа“. Владата бараше 300 милиони евра од банките, а доби само 260 милиони евра и тоа со висока камата од 4,6 проценти.Тоа значи дека странските банките немаат доверба во фискалниот капацитет и економските политики на Владата на Мицкоски“, рече Битиќи.

СДСМ Центар за комуникации со јавноста

Најнови вести

Најново од Економија

Најчитани вести