Со одлука на Управниот одбор на Стопанската комора на Република Северна Македонија формиран е Совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања на Комората на чие чело на предлог на претседателот на Комората Бранко Азевски за Претседател е избран универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј„-Скопје.
За членови на Советот се избрани: проф. д-р Игор Неделковски, Ректор на Универзитетот „Св.Климент Охридски„-Битола, Проф.д-р Дејан Мираковски, Ректор на Универзитот „Гоце Делчев„-Штип, Проф. д-р Мијалче Санта, Декан на Економски факултет при УКИМ Скопје, Проф. д-р Веланд Рамадани, Проректор на Универзитет на ЈИЕ Скопје, Проф. д-р Јасминка Талевска Бунеска, Универзитет „Св.Климент Охридски„-Битола, Проф.д-р Брикенд Азири, Декан на Економски факултет на Државниот Универзитет во Тетово, Проф. д-р Дарко Данев, Машински факултет при УКИМ Скопје, Доц.д-р Бујамин Бела, Проректор на Универзитет „Мајка Тереза„-Скопје, д-р Ристо Јаневски, ОКТА АД Скопје, Василка Салевска, Филип Морис,Скопје, Никица М. Блажевска, Македонија 2025, Марина Бадаревска, Фламинго Гевгелија, Николче Мариновски, Кули, Прилеп.
Првата активност на Советот ќе биде во Петок 5.6.2026 година кога ќе се одржи конференција на тема „Од диплома до компетенции: новата улога на универзитетите преку поврзување на академијата и економијата„
Во услови на динамични економски и технолошки промени, потребата од силна, функционална и стратешка поврзаност помеѓу високото образование и бизнис заедницата станува суштинска за одржливиот развој на економијата. Во таа насока, Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања има за цел да воспостави системски пристап кон интеграција на академскиот и реалниот сектор, преку креирање политики, иницијативи и активности кои ќе овозможат создавање на конкурентен, стручен и применлив кадар, нагласува универзитескиот професор Ѓуровскки претседател на Советот.
УСОГЛАСУВАЊЕ НА СТУДИСКИТЕ ПРОГРАМИ СО ПОТРЕБИТЕ НА СТОПАНСТВОТО
Неговата мисија е да развие одржлива платформа за соработка помеѓу универзитетите и бизнис заедницата, преку унапредување на квалитетот на образованието, поттикнување на применети истражувања и развој на вештини кои одговараат на реалните потреби на пазарот на труд. Покрај тоа Визијата на новиот Совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања е создавање интегриран екосистем во кој образовните институции и компаниите заеднички придонесуваат кон економски раст, иновации и зголемена конкурентност, во согласност со европските стандарди и трендови.
Во рамки на своето делување, според универзитетскиот професор Ѓуровски Претседател на Советот се поставени неколку клучни стратешки цели: усогласување на студиските програми со потребите на стопанството, зголемување на вработливоста на младите, поттикнување на заеднички истражувачки активности, развој на практични и применливи вештини, како и јакнење на иновацискиот капацитет на економијата. Дополнително, Советот ќе придонесе кон подобрување на дијалогот помеѓу институциите, академијата и приватниот сектор, со цел креирање на политики базирани на податоци и реалните потреби.
Покрај тоа изразувајќи благодарност за предлогот од претседателот на Комората Бранко Азевски за укажаната чест и обврска, како и изборот од страна на Управниот одбор, професорот Марјан Ѓуровски нагласува дека дека клучните задачи на Советот опфаќаат анализа на јазот помеѓу понудата на кадар и побарувачката на пазарот на труд, иницирање на реформи во наставните програми, воспоставување механизми за практична настава и стажирање, како и поддршка на заеднички истражувачки и развојни проекти. Советот ќе има и советодавна улога во процесот на креирање образовни и економски политики, со фокус на долгорочен развој.
НАЦИОНАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА ИНТЕРАКЦИЈА ПОМЕЃУ УНИВЕРЗИТЕТИ И КОМПАНИИТЕ
Како оперативен инструмент за реализација на овие цели, се предлага воспоставување на национална платформа за соработка под назив „EDU-BIZ CONNECT MK“. Оваа платформа ќе функционира како централизирана рамка која ќе овозможи континуирана интеракција помеѓу универзитетите, компаниите, студентите и институциите. Таа ќе комбинира дигитални алатки и физички активности со цел создавање функционален мост помеѓу образованието и економијата. Платформата ќе се заснова на неколку програмски столбови. Првиот столб се однесува на академско-бизнис ко-креирање, преку кое ќе се овозможи заедничко дизајнирање на наставните програми, вклучување на експерти од индустријата во наставниот процес и формирање на советодавни тела со претставници од бизнис секторот. Вториот столб е практичната настава и дуалното образование, со воспоставување национален систем за практикантство и интеграција на работното искуство како задолжителен дел од студиите. Третиот столб опфаќа истражување и иновации, со фокус на развој на заеднички проекти помеѓу универзитетите и компаниите, поддршка на применети истражувања и создавање индустриски лаборатории. Четвртиот столб е насочен кон вработување и управување со таленти, преку креирање платформи за поврзување на студентите со работодавачите, организирање на кариерни настани и поддршка на млади таленти. Петтиот столб се однесува на доживотно учење, со развој на програми за преквалификација и доусовршување, како и креирање сертификати во соработка со бизнис секторот. Шестиот столб е поврзан со политики и аналитика, преку изработка на редовни анализи за потребите на пазарот на труд, идентификација на дефицитарни вештини и давање препораки за унапредување на образовните политики.
За ефективна имплементација, платформата ќе користи конкретни алатки како што се дигитални системи за поврзување на студенти и компании, секторски совети за вештини по индустрии, иновациски центри, централизирани портали за практикантство и организирање на годишни форуми за дијалог помеѓу образованието и бизнисот.
НАМАЛУВАЊЕ НА ЈАЗОТ ПОМЕЃУ ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ И ПАЗАРОТ НА ТРУД
Очекуваните резултати од воспоставувањето на Советот и платформата се намалување на јазот помеѓу образованието и пазарот на труд, зголемување на вработливоста на младите, поголем број на применети истражувања, подобрен квалитет на високото образование и зголемена конкурентност на домашната економија.
Со ова иницијатива и делување, Стопанската комора на Република Северна Македонија ја потврдува својата стратешка определба за активно вклучување во креирањето на политики и решенија кои ќе обезбедат синергија помеѓу образованието и бизнис секторот, во интерес на долгорочниот економски и општествен развој.
Совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања на Стопанската комора на РСМ


