Општинската организација на СДСМ Карпош јавно застана во одбрана на поранешниот градоначалник на општината и поранешен директор на Царинската управа, Стефан Богоев, откако тој беше опфатен во акцијата што ја спроведуваат Управата за финансиска полиција и Обвинителството.
Во партиската реакција се наведува дека станува збор за политички мотивиран притисок врз опозицијата и обид за пренасочување на вниманието од актуелните проблеми во Општина Карпош.
„Борба со опозиција не се прави на кукавички начин од страна на моќ“, порачаа од СДСМ Карпош.
Оттаму потсетуваат дека актуелната локална власт во Карпош се промовирала со проекти започнати во мандатот на Богоев, посочувајќи го покриениот базен во салата „Партизан“.
„Денес со проектот на Стефан Богоев за покриениот базен во салата Партизан во Карпош се китевте со неговите перја“, наведуваат од општинската организација.
Во соопштението се оценува дека актуелното раководство на општината не успева да ги реализира ветувањата дадени пред граѓаните.
„Во немоќ да се справите со ветените обврски со кои дојдовте на власт во Карпош, за кои секој ден сте сѐ поголемо разочарување на вашето членство, како и на карпошани, сакате со замајување на јавноста да го покриете срамот за повлекувањето на градоначалникот“, стои во реакцијата.
Од СДСМ Карпош упатија порака до политичките противници дека политичката битка треба да се води „ферски, а не илеџиски“, додавајќи дека граѓаните на Карпош нема да дозволат да бидат потценети.
„Стефан Богоев, другар со тебе сме“, порачаа од СДСМ Карпош.
Богоев, според неофицијалните информации, е меѓу лицата опфатени со истрагата за сомнежи за злоупотреби поврзани со тендерска постапка во Царинската управа. Од Обвинителството претходно потврдија дека под координација на ОЈО ГОКК се спроведува акција поради постоење основано сомнение за кривични дела од коруптивна природа, но без да откријат детали додека трае постапката


