ЈП Лајка денеска и утре организира дводневен едукативно-забавен настан Лајка-Фест во Градски парк – Скопје, посветен на вдомување, одговорно сопствеништво, едукација и заедништво помеѓу граѓаните и животните.
Како што информираат од ЈП Лајка, во рамки на фестивалот присутните ќе имаат можност да уживаат во зона за вдомување и привремено згрижување, едукативна зона за одговорно сопствеништво, зона за обука и дресура, детска зона со интерактивни активности и главна сцена со натпревари, игри и забавна програма.
Детската зона „Растеме со љубов“ е простор каде најмладите преку игра, креативни активности и директна интеракција со животните ќе учат за грижата, емпатијата и одговорноста.

-Веруваме дека едукацијата уште од најмала возраст е еден од најважните чекори кон создавање похумано и поодговорно општество. Токму децата што денес учат како правилно да пријдат на куче, како да се грижат за миленик и зошто е важна љубовта и почитта кон животните, утре ќе бидат возрасни кои носат подобри и поодговорни одлуки. Преку цртање, едукативни игри, активности со ветеринари и дресери, како и интерактивни содржини, децата ќе имаат можност на забавен и разбирлив начин да научат повеќе за животните и одговорното сопствеништво. Нашата цел е преку позитивно искуство, дружење и едукација да придонесеме кон генерации кои ќе градат повеќе разбирање, грижа и хуманост, велат од ЈП Лајка.
Проблемот со бездомните кучиња, посочуваат оттаму, не започнува на улица. Тој започнува со неодговорно сопствеништво, напуштање, неконтролирано размножување и недостаток на едукација.
-Токму затоа, на Лајка Фест ќе имаме посебна зона посветена на едукација, одговорност и подигнување на јавната свест. Во оваа зона ќе можете да разговарате со тимот на Лајка, да дознаете повеќе за одговорно сопствеништво, да проверите дали сте одговорен сопственик, да научите зошто стерилизацијата и микрочипирањето се важни и да разберете како всушност се решава проблемот со бездомните кучиња. Секој едуциран граѓанин е чекор кон похумано, побезбедно и подобро општество за сите, нагласуваат од Лајка.

На Лајка фест ќе има и зона за обука и дресура каде присутните ќе може да научат дали занаат што значи кога куче ја врти опашката, како правилно да му пријдат и зошто добрата комуникација е клуч за подобар однос помеѓу луѓето и кучињата.
-Во зоната „Учиме добри манири со Киско“ посетителите ќе имаат можност преку практични демонстрации, интерактивни активности и дружба со дресер да научат повеќе за: избор на миленик според животен стил, најчести проблеми со миленици, социјализација, а ќе стекнат основи на обука и дресура – затоа што добриот однос со кучето не започнува со команда – туку со разбирање, потенцираат од јавното претпријатије за хуман третман и благосостојба на бездомни кучиња

Дел од активностите што ќе се одржуваат за време на фестивалот се: „Ти и твоето куче – кој на кого личи?“, „Изложба на вдомени миленици“, аќе бидат доделени и награди и активности за посетителите и нивните миленици.
Лајка Фест, велат од јавното претпријатие, има за цел да покаже дека преку едукација, одговорност и активно вклучување на заедницата можеме да придонесеме кон похуман и побезбеден град за сите.
МИА


