(ВИДЕО) Опожарени две возила на Бугарската амбасада – Скопје и Софија го осудуваат вандалскиот чин

Среде бел ден, едно лице вади од кеса шише со бензин и ги полева двете дипломатски возила на Амбасадата на Бугарија во Скопје, по што подметнува пожар.

На снимките објавени од бугарскиот медиум „BG-NES“ се гледа маж го извршува нападот и потоа бега. Полицијата излегла на местото на настанот по неколку минути.

-Од полицијата велат дека двете возила ѝ припаѓаат на Амбасадата на Бугарија и имаат дипломатски таблички, но додаваат дека нема повредени и дека пожарот бил брзо изгаснат од скопската противпожарна единица, и дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, вели репортерот на ТВ21, Аднан Ќаили.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека во 12:13 часот полицијата добила пријава дека на улицата „Златко Шнајдер“, пред Амбасадата на Бугарија, избувнал пожар на две патнички возила од типот „Киа“ и „Сузуки“. Сè уште не се познати мотивите за ова намерно подметнување пожар.

Министерството за надворешни работи на Бугарија остро го осудува овој чин, како што го нарекуваат, демонстративна агресија која го загрозува здравјето и животот на вработените во бугарската амбасада во Скопје. Тие бараат брза истрага и расчистување на случајот. Додаваат дека бугарската држава ќе продолжи да ги користи сите воспоставени механизми за спротивставување на обидите за создавање атмосфера на страв за Бугарите во Македонија.

-Овој последен напад врз Бугарија и Бугарите е резултат на агресивен политички говор кој поттикнува омраза и недостиг на соодветна реакција од институциите во претходни слични случаи, кои создаваат чувство на неказнивост за сторителите. Потсетуваме дека по последното палење во Република Северна Македонија на Бугарскиот културен клуб во градот Битола, наместо да добие соодветна казна, сторителот беше херојизиран и вклучен во политичка изборна кампања, велат од МНР на Бугарија.

Владата на Македонија и Министерството за надворешни работи остро го осудија вандализмот пред Амбасадата. Во реакцијата се наведува дека државата има капацитет и ќе одговори со сета сила на институциите и нема да дозволи поединци да го нарушат угледот на Македонија.

-Ваквите дејствија претставуваат напад врз принципите на безбедност, дипломатските односи и меѓународното право и не треба да се случуваат во демократска држава. Надлежните институции веќе преземаат интензивни мерки за целосно расчистување на случајот и идентификација на сторителите. Како Влада, сакаме да испратиме јасна порака дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде санкциониран со максимална мера, велат од Владата на Македонија.

Овој инцидент не е прв од ваков вид што се случува пред Амбасадата на Бугарија во Скопје, бидејќи на 11 јануари 2026 година се случил и друг напад кога непознато лице го скршило стаклото на влезната врата на амбасадата и се оддалечило од местото на настанот, по што властите го идентификуваа и уапсија осомничениот, третирајќи го случајот како вандализам врз дипломатска мисија.