АКТ ги следи бизнис шемите на ВМРО-ОКГ: Каде се Ленди Груп, Пирамид Билдинг и Мастеф, таму се и МГ Проект и МБМ Архитекти

По низата објавени информации за тендерски скандали вредни над 100 милиони евра, во кои едни исти компании добиваат милионски договори од институциите и општините под контрола на власта, АКТ на СДСМ денеска објави нова бомба која открива уште еден аспект од целата бизнис-шема. Покрај истите фирми кои ги добиваат јавните набавки, во десетици проекти низ државата постојано се појавуваат и истите компании за надзор и проектирање, создавајќи затворен круг на фирми кои профитираат од јавните средства.

„Случајно е тоа што едни исти фирми добиваат тендери и едни исти омилени фирми вршат надзор и проектирање? Ништо не е случајно. Сè е бизнис-шема за Мицкоски и ВМРО,  буквално сè“, обвини Јован Фрчкоски, член на ИО СДСМ на денешната прес коференција.

Фрчкоски нагласи дека претходно СДСМ објави податоци за три компании кои во изминатите две години добиле голем број тендери и милионски суми од јавни набавки. Станува збор за Ленди Груп, со 74 тендери во вредност од 17,6 милиони евра, Пирамид билдинг солушнс со 51 тендер вреден 16 милиони евра и Масев ДООЕЛ со 93 тендери во вредност од 18 милиони евра. Анализата покажува дека овие компании најчесто се поврзани со само две фирми за надзор и проектирање – МГ Проект и МБМ Архитекти.

„Овие омилени фирми за тендери на власта имаат само две исто така омилени фирми со заеднички проектанти и надзор. Во десетици општини и институции низ државата се повторува ист образец: истите изведувачи добиваат милионски тендери, а над нив работат само две фирми – МГ Проект и МБМ Архитекти“, рече Фрчкоски.

Тој ги посочи проектите во Општина Кисела Вода и Општина Илинден, каде Ленди Груп се јавува како изведувач, додека МГ Проект е ангажирана за стручен надзор. Сличен образец се повторува и во Општина Аеродром и Општина Гази Баба, каде Пирамид билдинг солушнс добива договори за изведба, а МБМ Архитекти е ангажирана за надзор над проектите.

Фрчкоски рече дека истиот модел се забележува и кај компанијата Масев, која реализира проекти во повеќе општини и институции, меѓу кои Кисела Вода, Аеродром, Брвеница, Неготино и Министерството за спорт, а во сите тие проекти повторно се појавуваат истите фирми за надзор и проектирање.

Дополнителен сомнеж отвора и растот на договорите што ги склучуваат фирмите за надзор во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ ја има власта.


„МГ Проект во овој период успева да склучи договори со вкупна вредност од 2,4 милиони евра, а МБМ Архитекти договори вредни 2,9 милиони евра. Во проценти, ако пресметаме, од 2024 година имаат раст од 288,65 проценти“, истакна Фрчкоски.


Станува збор за системско извлекување на јавни средства преку однапред утврдена мрежа на компании и порача дека граѓаните имаат право да знаат каде завршуваат нивните пари.

„Граѓани, дали гледате што се прави? Дали гледате како се вртат милиони евра, пари на граѓаните преку тендери? Нема пари за плати, нема пари за земјоделците, пари има само за тендери и бизнис-шеми. Прашањето е до кога ќе молчи обвинителството и нема да презема ништо? СДСМ најавува испитување на сите постапки и одговорност, од прв до последен“, порача Фрчкоски.

Прес конференција на АКТ, Јон Фрчкоски – член на Извршниот одбор

Најнови вести

Најново од Македонија