Куба подготвува најголеми економски реформи од револуцијата на Фидел Кастро

Кубанскиот премиер, Мануел Мареро Круз, вчера пред пратениците претстави пакет од 175 економски мерки што предвидуваат широка приватизација на делови од социјалистичката економија, во обид земјата да се справи со засилените американски санкции.

Доколку бидат одобрени и спроведени, реформите би претставувале најголема промена на економскиот модел на Куба од револуцијата на Фидел Кастро во 1959 година и значаен чекор кон пазарно ориентирана економија.

Предложените мерки предвидуваат отворање на градежниот сектор за приватни компании, трансформација на државните претпријатија во акционерски друштва и дозвола за влез на приватни банки во финансискиот сектор кој досега беше речиси целосно под државна контрола.

Покрај тоа, се планира значително намалување на административните и бирократските пречки за приватните компании и претприемачите.

Кубанскиот претседател, Мигел Дијаз-Канел изјави дека реформите се итни и неопходни поради засилениот притисок од САД.

„Мораме да го ослободиме производството, да имаме повеќе производство и помалку ограничувања“, рече Дијас-Канел во обраќање до партиското раководство.

Предлозите сега треба да бидат разгледани и изгласани во Националното собрание. Во еднопартискиот политички систем на Куба, Парламентот вообичаено ги поддржува владините иницијативи со големо мнозинство.

Реформите добија поддршка и од поранешниот кубански лидер, Раул Кастро, кој во писмо до Политбирото ги оцени како корисни и повика на нивна брза примена.

Засилените санкции на администрацијата на Трамп дополнително ја влошија економската состојба во Куба, предизвикувајќи недостиг на гориво, пад на туризмот, прекини во снабдувањето со електрична енергија, висока инфлација и недостиг од вода и лекови.

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести