Исклучително силен и долготраен топлотен бран зафати големи области од Западна и Централна Европа. Во Италија, Велика Британија, Франција, Белгија и Шпанија има екстремна жештина.
Властите во северна Франција денеска се обидоа повторно да се воспостави снабдувањето со електрична енергија на 68.000 домаќинства погодени од прекини на електричната енергија во средината на жестокиот топлотен бран, кој со денови го зафати поголемиот дел од Западна Европа. Здравствените центри и другите клучни установи имаа приоритет во обновувањето на снабдувањето, додека генератори вчера се обезбедени за домовите за стари лица по прекините на електричната енергија.
Властите објавија дека причината за прекинот на снабдувањето е дефект во трансформаторот. Инцидентот бил случаен и поврзан со сегашниот топлотен бран, според соопштението за медиумите. Никој не е повреден.
Рекордните високи температури низ Европа, кои се движеа до 18 степени Целзиусови над нормалата, ги нарушија транспортните мрежи и ги принудија училиштата и туристичките места да се затворат. Метеоролошката агенција Метео Франс соопшти дека условите се споредливи со топлотниот бран во август 2003 година, кој траеше 16 дена и предизвика околу 80.000 дополнителни смртни случаи низ цела Европа.
Сè уште не е познато колку долго ќе трае сегашниот топлотен бран, предизвикан од временскиот модел познат како Омега блок, кој овозможува температурите да растат од ден на ден.
Европа се затоплува повеќе од двојно побрзо од глобалниот просек, објави Светската метеоролошка организација, што ги прави долготрајните топлотни бранови сè поверојатни. Топлотниот бран ги принуди градежните работници да го променат работното време за да можат вработените да го избегнат најлошото од топлината.
Во исто време, трговците се борат со големата побарувачка за вентилатори и преносни клима уреди, додека земјоделците жнеат ноќе по забраната за работа во текот на попладневните часови поради ризици од пожар.
Десетици луѓе се удавија додека се обидуваа да се разладат со скокање во реки, езера и други водни површини.
Во Велика Британија, операторот на електричната мрежа побара од производителите да го зголемат производството на електрична енергија поради ненадејното зголемување на потрошувачката за време на рекордната топлина. Здравствените власти издадоа црвено предупредување за топлина по втор пат во историјата, предупредувајќи дека екстремните температури се опасни по живот не само за болните и старите лица, туку и за здравите луѓе.
Министерството за здравство на Италија издаде највисоко предупредување за жештини во 16 градови, од Фиренца и Милано до Рим, Торино и Верона. Се очекува условите дополнително да се влошат, особено во централните и северните региони, а топлотниот бран веројатно ќе достигне врв меѓу недела и понеделник, велат метеоролозите.
МИА


