Бројот на пациентите примени во службите за итна медицинска помош во Италија се зголеми, додека 18 поголеми градови денеска се под црвена тревога поради топлотниот бран.
Претседателот на Италијанското здружение за ургентна медицина, Алесандро Рикарди, изјави за агенцијата АНСА дека приемите во ургентните центри во големите градови се зголемени за 10 до 15 проценти.
Тој оцени дека порастот засега е ограничен и дека нема причина за паника.
Италијанското Министерство за здравство прогласи црвена тревога за 18 големи градови, меѓу кои Џенова, Фиренца, Милано, Рим, Торино и Венеција.
Се смета дека топлотниот бран придонел за смртта на најмалку пет лица низ земјата.
Судовите во Палермо ги суспендираа судските рочишта до 29 јуни поради екстремните горештини и поради проблемите со системите за климатизација, додека Галеријата „Уфици“ во Фиренца го продолжи прекинот на продажбата на билети до недела, дозволувајќи влез само на посетители со претходно резервирани билети.
Во поголемиот дел од Италија денеска се очекуваат температури повисоки од 30 Целзиусови степени.
МИА


