Американската „кралска двојка“, најверојатно, ќе се венчаат оваа недела

Поп-пејачката Тејлор Свифт и нејзиниот свршеник, НФЛ-играчот Тревис Келси, се очекува да се венчаат оваа недела.

Имено, иако американската двојката официјално не објави датум на свадбата, а тамошните медиуми не можат да го потврдат времето, ниту местото на церемонијата, според „Њујорк тајмс“, градските дозволи и другите показатели укажуваат дека свадбата би можела да се одржи на Менхетен. Но, дури и без официјална потврда, возбудата расте за една од најочекуваните свадби на познати личности овој век. Елана Фишман, одговорна во рубриката за мода и купување на „Њујорк тајмс“, смета дека ова ќе биде американската „кралска свадба“.

– Сите зборуваат за тоа. Ова ќе биде сојуз на двајца од најмоќните, најсаканите и највлијателните луѓе во светот. Зборуваме за тоа најголемата поп-ѕвезда во светот да се ожени со веројатно најдобриот играч на својата позиција во историјата на НФЛ, рече Фишман.

Обожавателите на пејачката, познати како „Свифтис“, ги следат нејзините подеми и падови две децении. Сара Шапел, авторка на книгата „Стилот на Тејлор Свифт: Модата низ епохите“, предвидува дека Свифт ќе избере венчаница што ја комбинира старата холивудска романса со модерниот гламур.

– Тејлор има многу препознатлив стил и естетика. Што и да носи на крајот, сигурна сум дека тоа ќе постави трендови во светот на модата за невестите многу долго време потоа, рече Шапел.

Свршувачката на двојката се случи минатиот август. Љубовната приказна, со своите кулминации, ги воодушеви обожавателите кои ја следат Свифт уште од нејзините тинејџерски години и многуте скршени срца за кои таа пееше во своите песни. Двајцата беа на врвот на своите кариери кога почнаа да се забавуваат пред три години – 14-кратната добитничка на Греми беше среде нејзината турнеја „Ерас“, концертната низа со најголема заработка во историјата, а Келси го освои својот трет „Супербоул“, додека Свифт го бодреше од трибините.  

МИА

Најчитани вести