Зошто нашиот мозок постојано сака да скроламе низ „Тикток“ или „Инстаграм“? И што ќе се случи кога вештачката интелигенција може веднаш да креира цели видеа „само за Вас“? Имајќи ги предвид овие прашања, научниците предупредуваат за намалена концентрација и зависност кај луѓето.
За многумина, денот почнува со тоа што, само што ќе ги отворат очите – веднаш посегнува по телефонот. Па во целото слободно време, сѐ до легнувањето в кревет, скрола низ „Тикток“, „Инстаграм“ и „Јутјуб“… Секундите се претвораат во минути, а минутите – во часови. Но, што е толку привлечно во сѐ тоа? Истражувачите од Универзитетот на Бајројт во југоисточна Германија, споредиле 42 студии, со вкупно речиси 30.000 учесници, претежно деца и млади луѓе.
Според наводите, има три работи што ги споделуваат сите алгоритми на социјалните медиуми. Пред сѐ, она што го гледате е персонализирано „за Вас“, т.е. за секого има различен избор на видеа. Како второ, може да гледате бесконечно и не може точно да го предвидите следното видео. И трето, со едноставно движење со прстот може да го паузирате тековното видео и да го почнете следното.
Ова е фундаментално различно од традиционалните медиуми како телевизијата, па дури и од тоа какви биле социјалните мрежи од почетоците до неодамна, објави „Дојче веле“.
– Освен тоа, „Тикток“ е масивен суперкомпјутер насочен директно кон Вашиот мозок. Тој е обучен со помош на однесувањето на три милијарди луѓе-примати. Целта е да се држат луѓето зафатени. Тоа е, всушност, трка до дното на вашиот мозок. Ако „Тикток“ не ве држи зафатени, тогаш „Фејсбук“, „Инстаграм“ или некој друг ќе ве држи, вели Ејза Раскин од Центарот за човечка технологија во Сан Франциско, САД.
Така таа ја опишува „економијата на внимание“, којашто е клучна во „денешниот капитализам“, се наведува.
Научниците одамна знаат дека кратките видеа се особено добри за мозокот на почетокот затоа што му обезбедуваат брза и лесна доза на допамин.
– Подвижните слики се мамка за мозокот на цицачите во секој случај, се надоврзува Ана Лембке, психијатарка, професорка на „Стенфорд“ и авторка на книгата „Допаминска нација“. – Краткото видео создава дотолку посилна зависност, а тоа води до верижна реакција на видеата – како кога се пали цигара по цигара. Откако ќе почнете, тешко е да престанете, дури и ако сакате.
Како и коцкањето, и кратките видеа се неприроден стимуланс за мозокот којшто се преплавува со допамин – невротрансмитер што се ослободува кога доживуваме нешто пријатно и „нè повикува“ да го направиме тоа повторно. Мозокот притоа се заштитува од премногу допамин – клетките го намалуваат бројот на рецептори за чувството на задоволство. Така, човекот бара повеќе, а мозокот сè потешко се задоволува.
– Следно, ни требаат сè повеќе видеа, и тоа – не за да се чувствуваме одлично, туку само за да бидеме нормални… Така ја губиме способноста да најдеме задоволство во работи што нудат побавни и поскромни награди – во зајдисонце, вечера со пријатели или читање добра книга, вели научникот.
Порано или подоцна, сите завршуваат прелистувајќи видеа „како зомби“, велат стручњаците. А пак, за оние кои „го продаваат производот“, важно е „шоуто“ никогаш да не завршува, но уште поважно е содржината да биде избрана „само за Вас“, како што вели научникот Бен Рајн. Тој го опишува алгоритмот на „Тикток“ како „систем што спроведува илјадници мали експерименти“ врз човекот и „учи побрзо од вас“ за тоа која содржина ве држи пред екранот. Лембке дополнува дека тој алгоритам така развива „совршена дрога“ за секого.
– Видеата се секогаш свежи и ја надминуваат досадата. А, фактот што тие се непредвидливи го ангажира делот од нашиот мозок што е истражувачки и еволуирал во постојаноста на тешките екосистеми, каде што плодовите на животот се ретки и неизвесни, но затоа стануваат повредни кога ги наоѓаме, појасни д-р Лембке.
Што друго нè очекува? Во 42-те научни трудови што ги проучиле научниците од Бајројт, неколку проблеми се очигледни. Имено, луѓето пројавуваат тешкотии со концентрацијата, пад на работната меморија, поголема анксиозност и депресија, послаба самоконтрола и повеќе видови зависност.
– Но, сè уште нема доволно докази за дефинитивно да се тврди дека платформите за кратки видеа предизвикуваат „гниење на мозокот“ или екстремни допамински ефекти, изјави Марлен Ебстер, одговорниот научник на студијата.
Затоа, таа не се залага за забрани, туку вели да им се помага на младите луѓе да разберат како функционира мозокот и како работат алгоритмите. Рејн, автор на „Зошто на мозокот му требаат пријатели“, верува дека следниот чекор е дополнително персонализирање на содржината со помош на вештачката интелигенција.
– Како што системите за препорака на содржините се подобруваат, а ВИ сè повеќе може да генерира или приспособува содржина за поединец во реално време, јазот меѓу „она во коешто би уживале“ и она што ви се прикажува веројатно ќе се намали, додава Рејн.
Раскин, пак, смета дека моќта на генеративната ВИ да го максимизира вниманието – од синтетички медиуми до лично приспособени синтетички врски е засега неразбирливо поголема од кој било психолошки инженеринг што науката го знае.
МИА


