ЦУК: Повеќе пријави за поплави и нарушување на инфраструктурата по невремето во Скопје, најкритични Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Чаир и Аеродром

Повеќе пријави за поплави и нарушувања на инфраструктурата се регистрирани, според информациите добиени преку Единствениот број за итни повици 112 и надлежните институции, по невремето што го зафати Град Скопје и околината, а најголем број се однесуваат на поплавени станбени објекти, подруми, гаражи и сообраќајници, како и отежнато движење во делови од градот, соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Како најкритични подрачја се издвојуваат Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Чаир и Аеродром, нагласува ЦУК и додава дека состојбата континуирано се следи, а екипите интервенираат на терен според степенот на приоритет и ризик.

Според статистичкиот преглед, кој го објави ЦУК како последница на вчерашното невреме поплавени се два подвозници, три кружни текови, повеќе од осум улици, пет населби (Кисела Вода, Автокоманда, Чаир, Аеродром, Горно Лисиче), има повеќе пријави за поплавени станбени објекти (куќи) и за поплавени подрумски и гаражни простории, два деловни објекти (магацини), една јавна институција (МАНУ), има два критични водотеци/канали и на повеќе од десет локации е пријавен отежнат сообраќај. 


Критични точки на сообраќајната инфраструктура се
подвозникот пред кружниот тек во Бутел, подвозник на бул. „Србија“ (Кисела Вода), 
кружните текови кај Ист Гејт, Мото Центар, Цементара и Железара, 
улицата „Јордан Мијалков“ (позади Дајмонд Мол), поплавени паркинзи и внатрешни сообраќајници во Расадник и Аеродром. 


Критични точки во станбени и деловни објекти се поплавени куќи, подруми и гаражи во Кисела Вода, Автокоманда и Чаир, поплавени магацини во Чаир и Кисела Вода, поплавен објект на МАНУ (подрум, гаражи, хол и амфитеатар).

Критични точки во водната инфраструктура се Усјански канал – зголемено ниво со ризик од прелевање, река Серава (Бутел) – покачено ниво со ризик од излевање.

ЦУК соопшти дека на терен се ангажирани и координирано делуваат: Територијалните противпожарни единици (ТППЕ),
Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС),
Јавните комунални претпријатија на општините, Општинските екипи
„Македонија Пат“
и други надлежни институции и служби


-Сите служби работат координирано и интервенираат на терен со цел справување со последиците од невремето, расчистување на погодените подрачја и нормализирање на состојбата – се нагласува во соопштението.

Граѓаните кои претрпеле штети од невремето, додаваат од ЦУК, поднесуваат барања до општинските комисии за процена на штети. Комисиите ќе извршат увид и проценка на настанатите оштетувања и може од таму да се побараат информации. 

МИА

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести