Најмалку 13 загинати во руски и украински напади врз цивилни подрачја

Најмалку 13 лица загинале во руски и украински напади врз цивилни подрачја во градови и населени места, соопштија локални власти на двете држави.

Во руски напад со наведувани бомби врз југоисточниот украински град Запорожје загинале три лица, а 15 биле повредени, изјави регионалниот гувернер Иван Федоров.

Објавени се снимки што покажуваат пожарникари како ги гаснат последиците од нападот и спасувачки екипи кои пребаруваат урнатини од оштетени објекти во градот, кој во последните недели е под засилени руски напади.

Руски проектили ја погодиле Одеса, при што загинале две лица, шест биле повредени, а оштетена била цивилна инфраструктура.

Во близина на Харков, недалеку од руската граница, едно лице загинало во напад со руски дрон, соопштија украинските служби за итни случаи. Претходно во напад со беспилотно летало кај градот Купјанск биле убиени уште три лица.

Во Доњецката област, каде се водат најголем дел од борбите долж фронтот долг околу 1.200 километри, локалните власти соопштија дека едно лице загинало, а петмина биле повредени во близина на Краматорск.

Од руската страна на границата, властите во Белгородската област соопштија дека едно лице загинало при украинско гранатирање на населено место во близина на границата.

Шефот на делот од Доњецката област под руска контрола, Денис Пушилин, изјави дека уште едно лице загинало на територија што е под контрола на руските сили. 

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести