Во овој момент противпожарните сили се справуваат со 106 пожари, од кои 63 избувнаа денеска. Голем број копнени и воздушни сили интервенираат во Воница, Кефалонија, Закинтос, Арта, Превеза, Ахаија, Хиос Месинија и Етолико, соопшти попладнево портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис, јави дописничката на МИА од Атина.
Ватракојанис информираше дека поради ситуацијата, Грција побарала помош од европскиот механизам за цивилна заштита да бидат испратени четири противпожарни авиони.
Големите пожари се на островите Закинтос и Хиос, во близина на градовите Воница и Превеза во западниот дел на Грција, како и во близина на градот Патра во северозападниот дел на Пелопонез, поради силниот ветер се шират брзо, а од бројот 112 за итни случаи беа испратени низа пораки за евакуации на голем број населени места,
На Закинтос ситуацијата е особено тешка, огнените јазици стигнаа до селото Агалас во јужниот дел на островот, евакуирани беа најмалку две населени места, како и еден хотел со туристи, додека пак според градоначалникот, од пожарот оштетени се пет-шест куќи.
Тешка е ситуацијата и во областа Ахаија, во околината на градот Патра, каде што беа испратени низа пораки до жителите на околу 15 села да се евакуираат, додека на островот Хиос беа евакуирани пет села, додека и во западниот дел на Грција кај Превеза и Воница, пожарите се сè уште вон контрола
Пожарот на островот Кефалонија беше локализиран.
-Силните ветрови што и денеска преовладуваат, во комбинација со екстремно намалената влажност на вегетацијата поради продолжениот сушен период, создадоа експлозивна мешавина што е поволна за појава на пожари. Пожарите што избувнуваат овие денови многу брзо се шират и стануваат опасни. Поради тоа, нашата земја побара помош од Европскиот механизам за цивилна заштита, со цел да ни бидат испратени четири авиони, посочи попладнево портпаролот на противпожарната служба на Грција.
МИА


