„Граѓаните ќе добијат за 2.175 денари повисока минимална плата веќе со мартовската исплата на плати. Минималната плата ќе изнесува 20.175 денари“, напиша на својата страница на Фејсбук заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
Тој ова го најави додека траеше седницата на Економско социјалниот совет, каде, како што напиша, „преку дијалог со синдикатите и работодавачите лани се договоривме за системско решение и нова Методологија за постојан раст на минимална плата“.
„Тоа е резултат на грижата на Владата за сите категории граѓани. Да обезбедиме континуирано одржлив животен стандард и поддршка на куповната моќ на нашите граѓани.
Ова е единствениот исправен пат и начин за обезбедување социјална правда и правичност – дури и во време на глобална економска криза на која и претходеше здравствената криза предизвикана од пандемијата.
По 2017 година грижата за вреднување на трудот на работниците стана приоритет за Владата и затоа се пронајде решение за системско покачување на платите со кое само за шест години минималната плата се удвои и сега изнесува 20.175 денари“, објави Битиќи.


