„Северна Македонија ја добива најголемата инвестиција од осамостојувањето, компанијата „Јагео“ во нашата земја ќе вложи повеќе од 200 милиони евра и ќе отвори 3.900 работни места во следните неколку години“, напиша на својата страница на Фејсбук, Фатмир Битиќи, заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции.
Тој истакна дека доаѓањето на оваа инвестиција е резултат на добри политики за креирање на предвидлива бизнис клима која е важна за инвеститорите, доверлив партнер кој го имаат во Владата, членството во НАТО кое носи дополнителна стабилност и сето ова без скапи „роад шоуа“, без потрошен ниеден денар од граѓаните.
„Ова резултираше и со историски рекорден износ на странски директни инвестиции во земјата во износ од 753,8 милиони евра, за претходната 2022 година. Инвеститорите кои доаѓаат во земјава, остануваат и ги шират своите бизниси, го зголемуваат бројот на вработени и креираат додадена вредност за нашата економија“, дополни Битиќи и заклучи дека „добрите економски политики на оваа влада носат зголемен економски стандард за нашите граѓани, стабилни и добро платени работни места и простор за зголемување на нивната конкурентност на пазарот на труд“.


