Да, можете да добиете пари од мерката „Млад земјоделец“ или „Рурална жена“, без да фаќате врски

Познато е дека нашите земјоделци имаат недоверба кон сите со кои соработуваат, кон колегите, откупувачите, трговците и државните институции. Нивното долгогодишно негативно искуство тоа им го има потврдено, а знаеме дека изгубената доверба тешко се враќа.

Кога еднаш ќе Ве излажат, тешко е повторно да се верува, кога еднаш ќе видите како некој добива трактор затоа што е член на некоја партија, или земја преку врски, тешко е да се верува дека сега не е така. Но времињата се сменуваат, позициите се менуваат, владите се менуваат.

Од актуелната власт постојано слушаме дека сега нема повеќе селективност во исплатата на субвенциите, нема привилегии во добивање на државна земја и нема протекции при добивање на мерки како „Млад земјоделец“ или „Рурална жена“.

Како може најлесно и најбрзо да се провери дали е ова точно? Ако се аплицира, се разбира.

Затоа веќе некое време водам дебата со земјоделците на терен на оваа тема и ги уверувам да аплцираат за мерки од владата. Најчесто ми одмавнуваат со раката, со објаснување дека нема шанси да добијат. Ако ги прашате дали досега аплицирале, ќе ви одговорат негативно, ама слушнале и знаат дека морало да се фатат врски. Навистина има земјоделци кои се одбиени, ама поради нивен пропуст во апликацијата, што не го кажуваат. Сепак полесно е за тоа да се обвини некој друг, во случајов администрацијата. Секако дека има и такви апликанти кои поради административен пропуст или грешка се одбиени, но тој процент е значително мал, а за жал најгласен во јавност и тие создаваат атмосфера на недоверба кон институциите.

Јас сум уверена дека доколку апликацијата е добро подготвена, доколку се исполнети условите кои се бараат, ако земјоделецот има добар бизнис план, се испочитувале рокови тогаш апликацијата сигурно ќе помине. Ова најдобро го знаат советниците од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството кои најмногу ги работата овие апликации, но и приватни консултантски фирми кои се специјализирани за овој тип на апликации.

Затоа Ве охрабрувам земјоделци да аплицирате. Повиците со пропишаните услови ги објавуваме на Агротим, потоа ги има на сајтот на Платежна агенција, сајтот на АПРЗ, а исто така редовно Ве потсетуваат и од Министерството за земјоделство.

Истово се однесува и за апликациите за ИПАРД. Овие пари најдобро е да ги користат компании кои секако планираат да инвестираат, па зошто тогаш да даваат сопствени средства кога може 65 % од инвестицијата да ја покрие државата. И со агробизнисмените разговарам со иста порака, бидете сериозни, следете тоа што бара ИПАРД и чекајте одобрување на апликацијата.

Преку ангажирање на консултанти ќе бидете најсигурни во подготвеноста на апликацијата, а и потоа по склучувањето на договорот со Платежна агенција, до реализирање на инвестицијата, консултантот ќе ја следи цела инвестиција. Парите кои ќе ги платите на консултантот исто така е предвидена ставка како трошок кој 65% го покрива ИПАРД.

Критериумите во ИПАРД се строги, можеби обемни и комплицирани, но не и неможни за реализирање, што го покажа и високиот процент на искористеност на средствата од ИПАРД 2. Само ова треба да биде доволно да Ве мотивира да бидете еден од корисниците на средства од ИПАРД 3 програмата. Според најавите од Владата за годинава има планирано 35 милиони евра, преку 3 различни мерки во кои можете да се пронајдете со вашата инвестиција.

Ленче Николовска

Извор: Агротим

]]>

Најнови вести

Најново од Агро Бриф, Економија

Најчитани вести