Планот на Европската унија да го искористи рускиот имот за помош на Украина може да пропадне, бидејќи со себе носи сериозни ризици, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо.
– Очекувањата од конфискацијата на замрзнатиот руски имот се огромни, но на следниот Европски совет во декември, кога треба да биде донесена одлука, Унијата може да се соочи со реалноста и планот може да доживее фијаско, истакна Фицо во видео-обраќање објавено на социјалните мрежи.

Словачкиот премиер предложи во заклучокот од самитот на Европската унија во четвртокот да не се споменува можноста за конфискација и Комисијата да предложи други можности за финансирање на Украина за наредните две години и додаде дека предлогот бил усвоен.
Тој предупреди дека предложената конфискација на рускиот имот претставува сериозни ризици, меѓу кои се можни реципрочни мерки од Русија, кршење на меѓународното право и покренување правни постапки од руска страна.
– Ова парче руско сирење е многу примамливо за европските врани, забележа Роберт Фицо.
МИА


