Најмалку 101 милион луѓе во Европа, вклучувајќи повеќе од 50 милиони во Франција и 18 милиони во Германија, во одреден период во текот на денешниот ден ќе бидат изложени на температури повисоки од 35 Целзиусови степени, покажуваат пресметките на француската новинска агенција АФП, пренесува Хина.
Вкупно, максималните температури се очекува да надминат 30 степени за повеќе од 380 милиони луѓе во Европа (без Турција), што претставува речиси две третини од населението на континентот.
Анализата, заснована на прогнозите на Германската метеоролошка служба и проекциите за населението за 2025 година на Заедничкиот истражувачки центар, се совпаѓа со податоците на австриската невладина организација „Климадашборд“.
Овие бројки се повисоки од прогнозата на германскиот институт објавена за средата, кога беше предвидено дека температури над 35 степени ќе погодат 94 милиони луѓе.
Како и претходниот ден, најпогодено од топлотниот бран е подрачјето на континентална Франција, каде што околу 63 милиони луѓе денеска ќе бидат изложени на температури над 30 степени, а кај 53 милиони од нив се очекува живата во термометрите да надмине 35 степени.
Температури над 30 степени се очекуваат за повеќе од 70 милиони луѓе во Германија, 48 милиони во Италија и 38 милиони во Обединетото Кралство.
Силно погодени ќе бидат и Белгија, Луксембург и Холандија, како и Полска, Унгарија, Чешка и Хрватска.
МИА


