Лажниот патриотизам на Христијан Мицкоски и ВМРО-ОКГ ја турка Македонија во изолација, Владата намерно ги блокира реформите и европскиот пат на државата, додека зад лажната патриотската реторика се кријат партиски и бизнис интереси преку тендери, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција.
„Се потврдува тоа што го говориме изминатите месеци, оваа Влада едноставно не сака во Европа. И затоа велиме: престанете да лажете. “, истакна Филипче.
Додека Црна Гора и Албанија ги затвораат поглавјата во преговорите со ЕУ, Македонија стагнира поради криминалните политики на Владата, додаде тој.
„Времето истекува. Регионот оди напред. Црна Гора и Албанија веќе ги затвораат поглавјата за преговори. Што ќе правиме ние? Да останеме сами настрана, изолирани од европските процеси?“, праша Филипче.
Тој оцени дека зад наводниот патриотизам на Мицкоски не стои грижа за државата, туку контрола на трошењето на парите.
„Граѓаните веќе се свесни дека ова е намерно неспроведување на Реформската агенда. Не сакаат владеење на правото, не сакаат европски стандарди и не сакаат контрола врз трошењето на јавните пари“, рече Филипче.
„Лесно е на оваа власт, со пари од партиски тендери и со бугарски пасоши во џебовите. Но граѓаните и следните генерации тоа не го заслужуваат. Тие сакаат реформи, сакаат систем, сакаат можности и заслужуваат подобар квалитет на живот“, истакна Филипче.
Тој повторно ја повика Владата да распише референдум и граѓаните сами да одлучат за иднината на државата.
„Распишете референдум и продолжете го европскиот пат. Немате никакво право, ниту политичко ниту морално, да ја држите Македонија во место и да им ја одземате европската иднина на младите генерации“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче предупреди дека Македонија се наоѓа пред историска можност која не смее да биде пропуштена.
„Ако го испуштиме овој воз, ако ја испуштиме оваа можност, можеби следна шанса за граѓаните и за следните генерации едноставно нема да има“, рече Филипче.
СДСМ Центар за комуникации со јавноста


