Герапетритис: Во рамки на стратешката автономија на ЕУ потребна е политика од 360 степени со сеопфатен поглед кон светот

Потребата, во рамки на стратешката автономија на Европската Унија, да се развие политика од 360 степени, која ќе има сеопфатен поглед кон светот, ја истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис при пристигнувањето на неформалниот состанок Гимних на шефовите на дипломатиите на ЕУ што се одржува во кипарскиот град Лимасол, јави дописничката на МИА од Атина.

Герапетритис посочи дека денес, во услови на повеќекратни кризи и општа непријателска клима во светот, „важно е повеќе од кога било да разговараме за прашањето на стратешката автономија на Европската Унија“.

– Стратешка автономија значи конкурентност, но конкурентност со кохезија и усогласување. Значи енергетска и одбранбена отпорност. И секако, значи солидарност, солидарност меѓу сите држави, за да може да се зајакне европскиот сојуз и да ги стекне силата и моќта што му доликуваат. Би сакал, особено да ја истакнам потребата, во рамки на стратешката автономија, да се развие политика од 360 степени, која ќе има сеопфатен поглед кон светот, а особено кон глобалниот југ, истакна министерот за надворешни работи на Грција.

Дополнително посебен акцент стави и на потребата од целосно почитување на меѓународното право, истакнувајќи дека „ниту еден обид за напад врз цивилна инфраструктура или врз цивили не може да биде толериран“.

– Исто така, треба сите да имаме еден единствен и силен глас против каков било ревизионизам. Ревизионизмот, во едно исклучително кревко геополитичко опкружување, значи многу поголема загриженост. Во суштина, тоа значи создавање глобални тензии на товар на граѓаните од целиот светот, порача Герапетритис.

На денешниот неформален состанок ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи на Индија и Саудиска Арабија, а Герапетритис рече дека со нив ќе разговараат „за прашања што сите ги засегаат“, но и посочи дека станува збор за „две исклучително важни земји, со кои Грција одржува стратешки односи“. 

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести