Халкидики 2.600 евра, Атина до 4.000 евра: Зошто сè повеќе се купуваат недвижности во Грција, ова се најбараните локации

Сè повеќе граѓани купуваат недвижности во Грција, а најголем интерес има за Халкидики, како и за регионот на Солун и Атина. Побарувачката не се намалува и покрај порастот на цените на недвижностите, при што просекот за Халкидики е 2.600 евра, а за Солун 2.500 евра. За многумина, инвестицијата во Грција се исплатува многукратно.

„Најголема побарувачка има во северните делови на Грција, првенствено поради добрата поврзаност и пристапност со автомобил, како и развиената туристичка инфраструктура. На прво место е Халкидики, кој води по интерес благодарение на природните убавини, добро одржуваните плажи и големиот број достапни имоти за одмор. По него следуваат Олимпискиот регион и Солун. Во последно време, како инвестициска дестинација, Атина привлекува сè поголемо внимание, која нуди различни можности – од краткорочни туристички изнајмувања до купување станови за сопствено живеалиште“, вели Никола Недељковиќ, директор на претставништвото на Ellas Estate во Србија за Bloomberg Adria.

Просечните цени на недвижностите во Атина се движат од 2.000 до 4.000 евра за квадратен метар, а централните и крајбрежните области се најскапи, додава тој.

Цените на становите во Грција се зголемија за 6,6 проценти во четвртиот квартал од 2024 година во споредба со истиот период во 2023 година, според една од најактивните компании за недвижности во земјата, „Елас Естејт“. На годишно ниво, зголемувањето е 8,7 проценти, при што новата градба (градба до пет години) значително ја надминува старата градба – новите станови поскапеа за 9,1 процент, а постарите станови за 4,9 проценти.

Владата на Киријакос Мицотакис спроведе низа структурни реформи, вклучително и пазарот на недвижности. Владата истражува повеќе мерки за справување со станбената криза во земјата, вклучувајќи потенцијален „данок на неактивност“ на празните имоти и стимулации за сопствениците на недвижности да издаваат празни станови. Исто така, сопствениците на имоти можат да добијат намалување на данокот до 16.000 евра во текот на пет години, со годишни придобивки што достигнуваат 3.200 евра за енергетски, функционални и естетски подобрувања.

Гледано по региони, цените во Атина варираат по населби и се зголемуваат, бидејќи глобалната побарувачка за јужните области како што се Глифада и Вула исто така расте. Миконос и Санторини традиционално се сметаат за луксузни пазари со голема побарувачка и мала понуда. Крит, на пример, е идеален за семејни куќи и станови, иако српските и италијанските купувачи првенствено го избираат Крф. На Халкидики, исто така, е забележлива голема побарувачка од Србија и Бугарија, особено во Касандра и Ситони, пишува српски Мондо.

„Цените, се разбира, зависат од неколку фактори, но ретко е да се најде квалитетен недвижен имот под 2.500 евра за квадратен метар. И ако се најде, обично постојат оправдани причини за тоа – нерешена документација, лоша состојба на зградата или непрофитабилна инвестиција“, вели Хајдук-Вељковиќ.

Кога станува збор за недвижен имот во изградба, побарувачката за нив е исто така голема.

„Поголемиот дел од ваквите недвижности се продаваат веќе во фаза на проект, што во голема мера е поврзано со пофлексибилни опции за плаќање. Во договор со инвеститорот, купувањето може да се реализира на неколку рати, а динамиката на плаќање обично ја следи динамиката на изведување на работите, додава тој.

Најнови вести

Најново од Балкан

Најчитани вести