Претставничка на Македонија на Евросонг 2016 година ќе биде Калиопи, одлучи Македонската радио телевизија, пренесе Макфакс.
„МРТ одлучи годинава, на овој престижен и реномиран музички натпревар, честа за претставување на Јавниот национален радиодифузен сервис и Македонија, повторно да и се довери на најголемата македонска поп-рок ѕвезда, но и на едно од најголемите балкански афирмирани музички имиња – Калиопи“, се вели во соопштението.
Калиопи веќе ја претставуваше Македонија на Евровизија во 2012-тата година со песната “Црно и бело” и влезе во големото финале.
„Сигурни сме дека соработката на МРТ, со добро познатата комбинација, на поп дивата Калиопи и композиторот Ромео Грил којшто и овој пат ќе биде автор на македонската евровизиска композиција, ќе резултира со модерен, атрактивен евровизиски производ , со афирмативен национален карактер“, велат од МРТ.
Официјалното претставување на композицијата со која Македонија ќе се натпреварува во Шведска 2016, ќе се случи на Македонската телевизија и пред македонската јавност на крајот на февруари идната година.


