Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска предупреди против прекинување на синџирите на снабдување, велејќи дека нивната стабилност е од суштинско значење за одржување на економскиот раст.
Зборувајќи на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во јужнокорејскиот град Гјонгџу, Си рече дека земјите треба да се придржуваат до принципот на „проширување, а не прекинување“ на синџирите на снабдување и да бараат нови области од заеднички интерес, а воедно да го поддржат отворениот развој на мрежите на снабдување.
Тоа беше првата јавна изјава на Си по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп еден ден претходно.
Двете земји постигнаа договори за неколку трговски прашања. Кина се согласи да продолжи со купување американска соја и ги суспендираше контролите за извоз на ретки метали објавени на 9 октомври.
САД ќе ги намалат царините за кинеските стоки поврзани со опиоидот фентанил на 10 проценти, додека другите давачки остануваат. Вашингтон, исто така, повлече некои мерки против компаниите за кои се сомнева дека им помагаат на санкционираните кинески фирми да ги заобиколат извозните контроли на САД.
Набљудувачите ги нарекоа договорите привремен резултат во тековниот трговски конфликт меѓу двете најголеми економии во светот. Габриел Вилдау од консултантската куќа „Тенео“ изјави дека паузата би можела да ги намали стравувањата од враќање на царините од 100 проценти или повеќе, за што двете страни се заканија за време на ескалацијата во април.
Тој додаде дека договорот изгледа кревок, бидејќи новите тензии во трговијата или безбедноста би можеле да доведат до понатамошни мерки од двете страни.
МИА


