Корона и мир

Сигурно некогаш сте ја прочитале приказната за капетанот кој со своите војници тргнал во војна со многу помоќен непријател. Откако се симнале од бродовите на туѓо тло, капетанот наредил бродовите да се запалат.

„Гледате како нашите бродови горат. Тоа значи дека од оваа земја можеме да заминеме само како победници. Немаме избор. Или ќе победиме, или ќе умреме“, им рекол капетанот. И да, победиле.

Можеби веќе гледате и нашите „бродови“ горат. Кој е виновен, кој не е, ќе судиме на крај, а крајот зависи од секој од нас, од секој што ќе внимава да не се зарази, од секој што ќе внимава друг да не зарази, од секој што ќе внимава заразен да не се врати.

Нема назад од оваа ситуција, а имаме само еден избор. ДА го победиме вирусот. Тешко е да, изгледа како додека ние седиме дома, ништо не се случува, барем ништо добро, но не е така. Додека седиме дома, илјадници и илјадници од нас не се заразуваат. А тоа е една мала победа во војната со короната.

Додека ние седиме дома нашите се враќаат од странство. Тоа е втора победа со короната.
Повеќето од нив се здрави, повеќето од нив се враќаат поради своите тука. И тие ризикуваат да се заразат по патот, но сите што се вратени ги прифатиле условите. Тие не ни се непријатели. Тоа се луѓето кои исчезнуваа низ годините од улиците во нашето маало. Лесно е да „маваме“ по нив од разни причини, најчесто од страв, но така нема да го победиме вирусот, само ќе се „замразиме“ меѓу себе.


Оние што се враќаа претходно и го донесоа вирусот, дел од невнимание, дел од себичност, па уште и полицајци требаше да ги бркаат и да ги казнуваат за да седат дома, се нашиот минус. Заради таквите сега да речеме една мајка со своето семејство, болно дете вратено од операција од странство и бебе, дели пет метра соба во хотел, но што да прави. Можеби не е ни болна, но и нејзинте „бродови“ се запалени. Нема назад.

Во меѓувреме, не ги гледаме продавачките по продавници, аптеки, како секојдневно и со страв работат, но сепак работат. Ќе речат некои за профит, нема такви пари што можат да платат нечии животи, но тие се тука за да функционираме како така. Тоа е уште едне плус во нашата војна.
Нашите здравствени работници се заразија, дел од нив. Тоа е знак дека ниту ние нив сме ги чувале, ниту тие самите себе, сепак здравите остануваат на работа. Можеа и тие да си седат дома, па што биде нека биде. Но, и тие се тука за да фукционираме. И тоа е уште еден плус во нашата војна.

Веќе имаме и жртви, светот има жртви. Сѐ уште нема лек. Немаме оружје со кое ќе се браниме, освен да бегаме еден од друг и да седиме дома. И тоа е нешто. Оти не е важно кој победил, или кој загубил, важно е кој сето тоа умеел да го запре. А тоа е нашиот најголем плус во оваа војна.

Секој на своите рамења треба да си го издржи товарот. Да издржиме да помине доволно време, да се избројат заразените, жртвите, здравите… Болните да се спасат, здравите да се спасат, секој сам на свој начин да успее да остане жив и здрав. Колку повеќе, толку подобро. Оти таква е оваа војна. Војна со умот, војна со времето, „војна“ со влезната врата… Секој сам треба да се победи. А мирот…

„Една ластовичка не ја прави пролетта“… Верувам дека и природата е на наша страна, а таа не прави отстапки. Таа ќе си го одржи својот баланс и ќе воспостави рамнотежа. Доволно е само да поверуваме…

Пишува:

Анета Василева

]]>

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести