Во експозето, Ковачевски најави дека владата што тој ќе ја предводи ќе стави фокус на инвестициите во обновливите избори на енергија кои на среден и долг рок треба да донесат енергетска стабилност.
– Во делот на енергетиката посветивме многу енергија и труд затоа што уште еднаш се покажа колку сме ранливи доколку сме високо енергетски зависни. Бидејќи секоја криза е шанса, оваа мора да се искористи за енергетска трансформација. Конкретно, Владата ќе спроведе стратегија која на краток, среден и долг рок ќе обезбеди сигурност со снабдувањето на енергенси и одржливост на енергетскиот систем.
Фокусот на обновливите извори на енергија и ефикаснoто искористување на расположливите природни ресурси, како што се сонцето, ветерот и водата претставуваат основа на македонската енергетска револуција. Зголемување на домашното производство на електрична енергија преку инвестиции во нови зелени енергетски инфраструктурни проекти е вистинскиот пат кон обезбедување на енергетската независност на Република Северна Македонија, порача Ковачевски во своето обраќање.


