Ацо Мисајловски. Неговото име не е познато во јавноста, но неговиот брат е сосема друга приказна. Владо Мисајловски, братот на Ацо, е државен секретар во Министерството за надворешни работи, член на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ, како и поранешен претседател на младинскиот општински огранок во местото Ѓорче Петров. Ниту еден од браќата не се одзва на нашите покани за разговор во врска со сопственоста на овој портал. Ацо Мисајловски се согласи да се сретнеме, но потоа не се јавуваше на мобилниот телефон, додека неговиот брат во МНР воопшто не се одзва на нашите покани за состанок. Но, адресата на порталот „Курир“ и личноста што е наведена како маркетинг-контакт на оваа компанија нѐ доведоа и до други интернет-портали, претежно формирани во последните година или две, кои не само што делат слична уредувачка политика со „Курир“, туку често делат и исти содржини. Трагањето по сопствениците на некои од порталите кои немаат никакви информации за фирмите или, пак, уредниците што стојат зад нив почна од извесно лице Дејан Донев. Неговотo име и телефонски број се оставени како маркетинг-контакт на порталот „Курир“, но и на порталите „Лидер“, „Вистина“ и „Денешен“. „Лидер“, „Економски“, „Вистина“ и „Денешен“ немаат податоци за главниот уредник на весникот и фирмата-издавач на самиот сајт. Исто така, во државниот македонски регистар на портали, ова лице (Дејан Донев) е административен или технички контакт на сите споменати портали, а во случајот со порталот „Денешен“ фирмата „ИИА ДД ДОО“ се води како административен контакт. Проверката на оваа фирма во Централниот регистар покажа дека Дејан Донев е еден од сопствениците на „ИИА ДД“. Но, повеќе тешкотии нѐ чекаа во утврдувањето на фирмите што стојат зад „Лидер“ и „Економски“. Замоливме дел од соработниците на порталите „Лидер“ и „Економски“ да ги погледнат своите договори и да ни кажат која фирма им ги исплаќа месечните хонорари, но и кои се луѓето што стојат зад уредувачката политика. – Нам како координатор на проектот ни е претставена Билјана Трендафилова. Кога ја прашавме кој е газда во порталот за кој работиме, таа ни рече дека не смее да зборува за тоа, но дека е доволно да знаеме дека сопственикот е некој познат скопски бизнисмен. Парите ги добиваме преку авторска агенција бидејќи сме хонорарци – рече соработникот кој сакаше да остане анонимен поради страв дека ќе го загуби своето работно место. Сепак, најинтересната информација дојде од авторската агенција, која ги исплаќа овие новинари. Соработникот на сајтовите, инаку економски портали во кои најчести се информациите за владините економски успеси, ни посочи дека хонорарите ги добиваат преку авторска агенција. Увидот во неколку од договорите на новинари на порталот „Лидер“ и новинари на порталот „Економски“ покажаа дека нив ги плаќа „Ем медиа“ – фирмата – издавач на порталот „Курир“ или фирмата на братот на државниот секретар за надворешни работи. Она што е интересно е што и во двата медиума работат новинари од јавниот сервис – Македонската телевизија и новинари – уредници од ТВ Сител, во моментов најгледаната национална телевизија каде што Владата исплаќа најголеми суми за владините реклами, но и телевизија што се јавува како донатор на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на последните избори. Билјана Трендафилова, пак, која ни беше посочена како координатор на порталот „Лидер“, од неодамна стана уредник на информативната програма на јавниот сервис МТВ. Нејзиното лице од вечерните вести на МТВ е познато низ земјата. Тимот на „Медиа педиа“ ја праша оваа новинарка дали се точни тврдењата на новинарите. Таа негира дека е координатор на проектот, но не негира дека пишува за порталот. – Јас само пишувам анализи за „Лидер“, ниту е мој сајтот, ниту, пак, јас го раководам. Не гледам конфликт на интереси со тоа што работам во МТВ и кога работев во Алфа, јас пишував анализи за Би-Би-Си. Секој новинар е слободен да работи за кого сака, тоа не е забрането со закон. Сајтот е во сопственост на еден скопски бизнисмен и не знам дали е тој поврзан со „Курир“ и со „Ем Медиа“, вели Трендафилова, а на нашата молба да ни каже за кого станува збор, таа ни изјави дека ние не сме истражни органи. Но, адресата на „Ем медиа“ или седиштето на порталот „Курир“ обединува и други бизниси. На истата адреса се води и интернет-телевизијата „Македонија 24“ чиј регистрант на Марнет е фирмата „ИИА ДД ДОО“ во сопственост на Дејан Донев. „Македонија24“ има заедничко седиште со „Курир“,а Порталот „Курир“, освен текстуалните и фотосодржини, редовно емитува и видео содржини, кои, пак, се подготвени, односно преземени од интернет-телевизијата „Македонија 24“, со која го делат истото седиште. Но, од друга страна, на Бирото за јавни набавки може да се забележи дека „Курир“, односно „Ем медиа“ неколкупати земала тендери од владата и некои општини и институции меѓу кои и ЕЛЕМ и МЕПСО за „набавка на обработени видео вести“. Нејасно е за каква набавка станува збор, со оглед на тоа дека единствените видеосодржини на „Курир“ се од порталот „Македонија 24“, а од друга страна, содржините на „Курир“ се јавни. На овој начин „Курир“ добил десетици илјади евра и тоа во договори во очи, онакви какви што се прават за малите набавки до 5 илјади евра. Но овие суми се единствените кои можат да се потврдат на страницата на Бирото за јавни набавки. Парите што ги добиваат од владините реклами и рекламите на другите државни институции не се познати бидејќи владата на овие прашања сега, како и многупати претходно ни испрати одговор дека податоците врзани за парите што се исплаќаат на медиумите за рекламирање се „класифицирана информација, чие оддавање може да им наштети на државните интереси“. Дејан Донев, лицето што обединува многу од споменатите портали чија сопственост е нејасна, исто така се јавува како корисник на државните тендери со својата фирма „ИИА ДД“. Телефонскиот број на Донев е маркетинг-контакт на „Курир“, „Лидер“, „Денешен“, иако на Лидер избегнале да го впишат неговото име, па стои само неговиот телефонски број, идентичен со бројот на другите. Но, “ИИА ДД“ впишана е како компанија одговорна за печатењето на годишната програма наМинистерството за култура, а компанијата добила тендери од градот Скопје и од Владата на РМ, чија веб-страница ја изработила токму оваа фирма. Овие информации можат да се пронајдат во евиденцијата на Бирото за јавни набавки – секција во која се водат тендерите кои се доделуваат во четири очи или со преговарање без објавување Името на ИИА ДД исто така е поврзано и со изработката на веб-страницата „Танцот на ѕвездите“, шоу кое се емитува на јавниот сервис МТВ. Дејан Донев, исто како и сопственикот на „Ем медиа“ и неговиот брат, не одговори на ниту еден од нашите телефонски повици. Друштво „Ем медиа“, заедно со „Прва република“, се наоѓа меѓу издавачите на електронски публикации кои имаат најдобра финансиска кондиција. Според податоците од Централен регистар, друштвото во 2012 година имало приходи од 20.313.201 денари или околу 335 илјади евра. Или, пак, месечно располагаат со речиси 30 илјади евра буџет, сума која неколкупати го надминува годишниот буџет на многу од порталите, а кај дел од критичните портали често обвинувани дека се „платеници на СОРОС“ месечниот буџет на „Курир“ може да претставува и нивен годишен приход. Оперираат и со мали тендери со институциите, а нивните страници се полни со банери од владините кампањи. Ова истражување е заеднички труд на новинари од редакциите на НОВА и ФОКУС. Автори се Сашка Цветковска, Мери Јордановска и Владо Апостолов. Истражувањето е поддржано од Европската унија во рамки на проектот „Медиумска обсерваторија на Југоисточна Европа“. Ова е прв дел од истражувањето на сопственоста на интернет медиумите во Македонија во рамки на кои во наредните денови ќе биде објавена и интернет база на медиумската сопственост. Ви пренесуваме делови од истражувањето, а целиот текст можете да го прочитате на страните на Фокус и Нова.]]>


