Пукањето во лекарот од дигестивна хирургија ги крена на нозе лекарите и медицинскиот персонал, но ги извади на површина и проблемите во здравството. На полчасовен протест во паркот на Државна болница со транспаренти лекарите изразија поддршка за нивниот колега и револт кон понижувачкиот статус на вработените во здравството.
Од Синдикатот на клинички центри велат дека чашата ја прелеа последниот инцидент и лошите политики во здравството. Побараа нови законски решенија во кои ќе бидат вклучени како рамноправни партнери.
Лекарите добија поддршка од сестрите и административците од скопските клиники. И тие бараат закони кои ќе ги штитат нивните права.Се пожалија и пациентите кои секојдневно на свој грб ги чувствуваат лошо спроведените реформи во здравството.
Од Синдикатот очекуваат надлежните да ги чујат нивните барања и да отпочнат преговори за законски измени во корист на лекарите и пациентите.
Вчера лекарите од Клиниката за дигестивна хирургија во знак на револт поради повредениот хирург ги одложија за три дена сите опеации и амбулантски прегледи. Ќе се третираат само итните случаи.
Се уште е нејасно дали министерот Тодоров ќе се сретне со Синдикатот на лекарите и здравствените работници кои излегоа на денешниот протест.
Извор: 24Вестиhttp://24vesti.mk/lekarite-na-poluchasoven-protest-iskazhaa-revolt-od-problemite-vo-zdravstvoto


