За кратко и двајцата ќе бидеме во Црна Гора за да разговараме за темите што се однесуваат на перспективата на Западен Балкан. Инсистираме дека Западен Балкан припаѓа во Европа, но исто така истакнуваме дека целиот овој процес треба да биде автономен процес, кој ќе ги земе предвид и волјата на балканските земји да ги почитуваат правилата на добрососедство и целосно да се усогласат со европското законодавство, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Софија на заедничката прес-конференција со неговиот бугарски колега Румен Радев, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис изрази задоволство што е првиот европски лидер што ја посетува Бугарија по победата на Радев на изборите, се осврна на билатералната соработка, на инвестициите во поврзаноста, на важноста на инфраструктурите од Вертикалниот коридор, но и на одбранбената соработка.
– Почитуван Румен, Грција беше на страна на Бугарија, штитејќи го воздушниот простор од можни закани што можеле да дојдат од исток, и мислам дека можеме да направиме многу повеќе чекори сега кога добиваме и унифицирана одбранбена опрема, за да ја зајакнеме одбранбената соработка во корист на билатералните односи, но и генерално на НАТО сојузот во кој припаѓаат и двете земји, рече Мицотакис.
Тој се осврна и на важноста на енергетската поврзаност меѓу двете земји, посочувајќи дека Вертикалниот коридор „суштински ја надградува геополитичката позиција на двете земји“, бидејќи стануваат снабдувачи на енергетска безбедност „за многу земји што се наоѓаат северно од Грција и Бугарија“, а за инфраструктурната поврзаност рече дека неговата визија е „копнен коридор кој ќе опфаќа автопатишта и железнички линии, што ќе ги поврзува пристаништата на Грција и ќе се протега сè до Украина“.
Паралелно ја нагласи потребата што поскоро да се одржи петтиот Висок совет за соработка меѓу двете земји, на кој, како што рече, ќе може подетално да ги разгледаат сите прашања и дополнително да ја унапредат билатералната соработка.
Од кабинетот на грчкиот премиер информираа дека за време на средбата двајцата лидери направиле сеопфатен преглед на билатералните односи и изразиле заемна волја за зајакнување на билатералната соработка, особено во енергетската и транспортна поврзаност, во одбраната, управувањето со прекуграничните водни ресурси, како и координацијата по прашања од заемен европски интерес.
Мицотакис се осврнал на значењето на регионалната поврзаност, како во областа на енергетиката така и во транспортот, како и на потребата од зајакнување на одбранбената соработка, вклучително и преку користење на европски средства, а од прашањата од европската агенда, посебен акцент бил ставен на новата повеќегодишна финансиска рамка на Европската Унија.
Грчкиот премиер од Софија ќе замине за Тиват каде што ќе присуствува на вечера организирана од претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ за лидерите од ЕУ и земјите од Западен Балкан по повод националниот празник на земјата, а во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан што ќе се одржи утре.
МИА


