Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера во изјава за медиумите откри дека полицијата отворила предмет за Детското ликовно студио „Кирил и Методиј“, организатор на колонијата „Мал битолски Монмартр“ поради носењето ученици кај бугарски политичари.
По допрен глас, МВР поднело пријава против раководството на оваа културна установа која во неколку наврати изминатиот период носела деца во посета во Бугарија и на средба со бугарски политичари, меѓу кои и претседателот Румен Радев.
„Ниту еден родител, нити Меѓаши или друга огранизација нема доставено кривична пријава. По доставувањето на известувањето веќе имаме предмет. Апелирам и за овој и за друг случај да се достават кривични пријави, да се земат изјави на записник во однос на овие случаји за да можат и институциите да постапуваат. Не треба да ги отвораме предметите само по допрен глас. Доколку има некаква злоупотреба тоа да се пријавува, за да можеме да постапуваме“, рече министерот Спасовски.
Полицијата го известила Основното јавно обвинителство, а за ова реагираше и првата детска амбасада во светот Меѓаши со констатација за злоупотреба на децата за политички цели.
„За жал, наместо децата да се третираат сериозно, тука се користат како инструмент за политички цели, со изговор за развивање добрососедски односи. Го повикуваме Основното јавно обвинителство (ОЈО) да преземе соодветни мерки особено поради инволвирање на децата од Македонија во политички кампањи во друга земја и неколкукратно прекршување на правата на децата согласно Конвенцијата за правата на детето и Член 12 став 4 од Законот за заштита на деца: ‘Се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување’“, порачуваат од „Меѓаши“.
Настанот се случил пред неколку месеци во организација на фондацијата Бугарска Меморија на бугарскиот тајкун Милен Врабевски кој ги финансира и клубовите „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ во Македонија.


