Осум можни причини зошто децата стануваат насилни

Случајот со 13-годишниот ученик од ОУ „Владислав Рибникар“ кој уби осум соученици и еден обезбедувач, притоа и рани уште шест ученици и еден наставник ја згрози јавноста. Многумина се прашуваат како едно дете на таа возраст станало толку насилно што место учебници во ранецот ставило оружје, муниција и молотови коктели, влегло во училиштето и ладнокрвно го застрелало чуварот на училиштето, учителката и неговите врсници.

Американската психолошка асоцијација го дефинира насилството меѓу младите како екстремна форма на агресија со цел физичка повреда или смрт. Примерите за насилство меѓу младите, исто така, вклучуваат и силување и убиства, што е трета водечка причина за смрт кај младите од 15 до 19 години во САД, според Центрите за контрола на болести.

Тие препорачуваат родителите и воспитувачите активно да учествуваат во спречувањето на насилството помеѓу децата и тинејџерите. За да се направи ова, важно е да се разбере што го предизвикува насилството. Психолозите наведуваат осум можни причини.

Медиумско влијание
Истражувањата покажуваат дека насилството во медиумите влијае на тинејџерите и може да ги поттикне да се однесуваат агресивно. Иако е тешко да се одреди дали насилството во медиумите директно води до насилство меѓу младите или не, студиите покажаа дека играњето насилни видео игри ги зголемува агресивните мисли и однесување, пишува Дениз Витмер за „Very Well Family“, пренесува Index.hr.

Всушност, една студија покажа дека насилните видео игри го зголемуваат гневот, како и отчукувањата на срцето и крвниот притисок. Исто така, насилните видео игри го намалуваат чувството на емпатија, а корисниците на таква содржина „се склони кон интеракција со други агресивни тинејџери, што ги прави да се чувствуваат „прифатено и признаено во нивните мисли“.

Иако видео игрите често привлекуваат најголемо внимание, насилството во медиумите не е ограничено само на нив. Во насилните медиуми како извори се вклучени и Интернетот, телевизијата, списанијата, филмовите, музиката, рекламирањето, социјалните медиуми и многу други. Во основа, медиумите се состојат од сè што вашиот тинејџер гледа, слуша или комуницира преку него.

Околината
Околината, заедницата и соседството, можат да влијаат на тинејџерите и да ги натера да се однесуваат поагресивно. Кога тинејџерите живеат во социо-економски проблематични населби, тие може да се чувствуваат како нивната единствена опција за опстанок е да се приклучат на банда или да учествуваат во насилство. Кога овој начин на размислување е нормален, тинејџерите најверојатно ќе се однесуваат агресивно и ќе се впуштат во насилно однесување.

Насилство во семејството
Децата кои се изложени на насилство во нивниот дом учат преку пример и можат да станат насилници. Тие се со поголема веројатност да доживеат и насилство од врсници, било како жртви или како агресори.

Други фактори кои придонесуваат за насилство меѓу децата и тинејџерите се строгото родителство, хаосот во домот, запоставувањето и отфрлањето од страна на родителите. Секоја од овие ситуации може да доведе до насилство кај младите подоцна во нивниот живот поради недостаток на стабилност во домот. Насилството им дава на тинејџерите чувство на моќ и контрола, нешто што им недостига дома.

Недоволен родителски надзор
Кога родителите не ги контролираат своите деца, тие се склони кон агресивно однесување или криминални активности. Без надзор од возрасен, тинејџерите немаат ресурси да донесат добри одлуки или да ги препознаат ризиците.

Следствено на тоа, постои тенденција овие тинејџери да се дружат со погрешни луѓе, да преземаат непотребни ризици или да експериментираат со нелегални супстанции. Кога родителите се премногу попустливи, нивните деца често немаат мотивација да успеат на училиште, па дури и може да престанат да се грижат и за својата иднина.

Генерално, на тинејџерите им е потребна фер и доследна дисциплина и интеракција и водство од нивните родители. Кога родителите преземаат активна улога во животот на нивните тинејџери, тоа ја намалува веројатноста за развој на насилство меѓу тинејџерите.

Притисок од врсниците
Притисокот од врсниците игра клучна улога во насилството кај младите, особено затоа што децата имаат поголема веројатност да се вклучат во ризично или насилно однесувања кога дејствуваат како група. Тинејџерите кои вообичаено не би биле агресивни или насилни сами по себе често се чувствуваат моќни кога се во групи.

Покрај тоа, тинејџерите се со поголема веројатност да бидат насилни или агресивни кога чувствуваат притисок. Тие исто така може да станат насилни за да го задржат своето место во групата. Притисокот од врсниците може да ги наведе тинејџерите да се вклучат во ризично однесување.

Употреба на дрога и алкохол
Употребата на алкохол и дрога долго време е поврзана со ризикот од насилство меѓу младите. Дрогата и алкохолот можат да ја зголемат агресијата за да го намали стравот, што ја зголемува веројатноста за насилство кај младите.

Додека тинејџерите вообично ги користат овие недозволени работи рекреативно, за подобро да се чувствуваат, долгорочната употреба на недозволени дроги доведува до чувство на депресија, лутина и фрустрација. Овие чувства потоа може да го наведат тинејџерот да покаже агресија и лутина.

Трауми
Справувањето со трауматски настани може да предизвика и насилно однесување кај тинејџерите. На пример, кога тинејџерот ќе изгуби пријател или блиска личност во сообраќајна незгода од која и самите биле дел, често се лутатзатоа што тие се оние кои преживеале.

Гневот е нормална фаза на тагата, па насилните испади на овие тинејџери може да изгледаат оправдани. Но, иако гневот е нормална емоција, не е нормално да се биде насилен кон друга личност.

Тинејџерите кои покажуваат знаци на посттрауматско стресно растројство може да бидат склони кон насилство. Насилните испади обично се симптом на посттрауматско стресно растројство и доколку не се лекуваат, може да се манифестираат во екстремно насилни ситуации. Поради оваа причина, исклучително е важно тинејџерите да ги добијат потребните советувања и помош.

Ментална болест
Менталните болести се уште една причина за насилство меѓу тинејџерите. Состојбите како што се нарушување на вниманието/хиперактивност (АДХД), биполарно растројство, опозициско пркосно растројство и нарушување на однесувањето вклучуваат агресивно однесување или чувство на лутина како вообичаени симптоми.

Менталната болест понекогаш се крие зад другите причини за насилство кај младите. На пример, тинејџер со биполарно растројство може да користи дрога. Ако стане насилен, употребата на дрога може да го скрие фактот дека и биполарната болест е дел од причината.

Поради оваа причина, важно е тинејџерите кои се впуштаат во насилно однесување дабидат соодветно прегледани и советувани од стручни лица. Со третирање на причиние, а не само на последиците, поголема е веројатноста да се намали ризикот од понатамошни насилни испади.

Најчитани вести