Поранешно ФЕНИ повторно е во стечај. Вакава одлука донесе кавадаречкиот суд денеска, откако тоа го побараа тројца доверители – јавно претпријатие од Кавадарци, прилепска фирма која од Еуроникел има за земање 10.000 евра и 670 вработени, кои си бараат четири неисплатени плати, во вкупна висина од 2,1 милиони евра.
Во стечајната маса не влегуваат машините и зградите, оти нив ги зема Комерцијална банка, активирјќи хипотека за невратен кредит. Поради тоа, вработените се скептични околу тоа, од каде ќе се најдат пари за нив. Сепак, со стечајот, тие остваруваат право да се пријават во Агенцијата за вработување и да добијат надоместоци кои законски им следуваат.
Но, не се занемарливи побарувањата кои ги има Еуроникел во висина од 92 милиони евра. Кога од тоа ќе се одземат долговите од 78 милиони евра, во кои се и побарувањата на доверителите, излегува дека салдото на фабриката е во позитива од 14 милиони евра. Сега, на потег е стечајниот управник Ацо Петров, кој судот го назначи на оваа позиција, да ги наплати овие пари.
Во меѓувреме, Комерцијална банка ги продолжува преговорите со потенцијалните инвеститори. Вработените тука го гледаат спасот, па затоа сто од нив секојднњвно доаѓаат на работа и ка одржуваат печката во работа.
Ново стечајно рочиште е закажано за два месеци. Еуроникел не прозиведува веќе пет месеци, откако сопствениците од швајцарско-бахамската Џи Сол ја напуштија фабриката.
извор: 24.mk


