ПАЗЕТЕ, (НЕ) СМЕЕТЕ ДА ГО НАЛУТИТЕ ДИКТАТОРОТ!

Психолошкиот профил на диктаторот во најголема мера го сочинуваат садистички, нарцисоидни, параноични и шизофрени карактеристики. Како резултат на тој сплет кај диктаторот речиси секогаш постојат елементи на гнев, асоцијалност, длабока фрустрација, девијантни мисли, општествена изолација и насилство. Многумина бесконечно си го поставуваат прашањето: како вакви личности воопшто доаѓаат на власт?!

Најверојатно, доминантно преку нивната фантастична лукавост и перфидност. Кога тие веќе се на пиедесталот, нивната примарна цел е да ја зајакат својата системска односно институционална сигурност и моќ, пред се преку доминација на органите за внатрешна контрола и безбедност, како и преку контрола на финансиските текови. Тие секогаш, без исклучок за своите превземени чекори се повикуваат на легитимитетот добиен од “народот”. Обезбедувањето на институционалната сигурност и моќ се одвива паралелно во пакет со расчистувањето односно со задушувањето на целата интелектуална елита, со тоталната маргинализација на слободоумните граѓани и со системското инсталирање на рој полтрони.

Како нус ефекти од каприците и лудоста на диктаторот по дифолт страдаат образованието, уметноста, културата и соживотот, како и општествените вредности и дотогаш воспоставените стандарди и критериуми. Страдаат многу неистомисленици, а посебно оние коишто имаат најголемо општествено влијание и авторитет. Диктаторот кон нив е немилосрден. Или ќе бидат негови апостоли или мора да му се тргнат од патот. Лукавоста и лудоста на диктаторот секогаш е фузирана со маестрална, но во исто време и свирепа пропаганда. Пропаганда којашто немилосрдно (ќе) гази се што му стои на патот на диктаторот, па така на “народот” многу често (ќе) му се сервираат дури и гротескни приказни и ефтини манипулации кои тој само махинално (ќе) ги проголтува. Бидејќи, “народот” секогаш прв го дознава она што диктаторот сака да му го каже, нели?!

“Народот” на диктаторот е инертен, заблуден и многу, премногу уплашен. Тој “народ” секојдневно живее во страв, а заканите и притисоците упатени кон неговата егзистенција и слобода секојдневно се хранат и полеваат од страна на диктаторската пропаганда и поданици. Уплашениот “народ” егзистира летаргично и непрогресивно, најчесто наздравувајќи со националистичката “фанта”. Бидејќи, диктаторот латентно ја наметнува синтагмата “државата, тоа сум јас”, неговиот “народ” добива впечаток дека е жив само поради благонаклоноста на диктаторот. Индивидуалноста не постои, а колективот непрекинато се дрогирига со психотропните сипстанци на лукавиот диктатор. Допингуваниот “народ” системски се подготвува за да ја одбрани во “не дај Боже” непосакуваните констелации, дури и државата. А всушност, диктаторот. “Државата, тоа е тој”, не заборавајте!

“Народот”, “народот” “народот”… Кој е тој народ? За момент издишете, и запрашајте се: Кои сте Вие? Која е Вашата цел? Каде сте? Кои се вашите успеси? Кои се успесите на Вашите најблиски? Кои се успесите на вашата држава? Со што се гордеете? Ова ли е тоа за што живеете?

Можеби сте задоволни и Вашите цели се остваруваат. Вработени сте во државните и јавни институции. Битно за храна и облека (да) имате. Македонија името не го дава. Се радувате на новоиздадената еврообврзница, велат, ќе има за плати и пензии, а и за изборна победа на “Вашите”. Инсталациите на Сорос и на странските служби се готови. Вие за неколку дена ќе заминете на плажите во Грција за да се ишлапкате и да си направите неколку селфи фотографии со кои ќе го раздрмате цел фејсбук. Не Ви е гајле за оние околу Вас, односно за Вашите собраќа. Одобрен Ви е можеби бугарскиот пасош. Имате “лавовска” членска книшка. Земавте субвенции или имате грант од владата за сопствен бизнис. Го славите 138-то место на ФИФА ранг листата на нашите фудбалери. Го слушате исконскиот хит на Канго. Не знам, можеби се ви оди како подмачкано и едноставно уживате!

Но, можеби сте на другата страна од истиот медал. Па, искрено тагувате и жалите поради вашата нереализираност, поради вашата материјална оскудност, поради широката општествена деградација, неправедност, неподносливост и шунд. Поради затворените перспективи и можности. Па, не Ви е сеедно што вашите најблиски работат за Вас или пак Вие за нив, а сепак заедно немате доволно денари за да сврзете крај со крај. Па, не Ви е сеедно што голем дел од Вашите најблиски не се повеќе тука. Што одлетаа. Што заминаа. Што Ве оставија. Можеби ќе се пожалите и на тоа што секојдневно гледате сапуници, што околу Вас се одржуваат најразлични празијади и пивофешти и што сите околу Вас јадат бурек и Ви солат памет, а ја јадат всушност истата урда што и Вие? Можеби Ви фали домашна продукција и дополнителна едукација. Можеби сте незадоволни од здравствениот и даночниот систем… Но, можеби ќе успеете некако да го одложите плаќањето на сметката за стуја и да отидете и Вие на ден-два во Грција. За да заборавите на се. Па што! Не знам, можеби ќе Ви дојде да кажете и: ДОСТА Е!

Пазете, (не) смеете да го налутите диктаторот!

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести