Пилот со тешка алергија на пајаци бил каснат на сред лет од „слеп патник“ – тарантула. Пилотот летал со Iberia Airbus A320 на летот од Дизелдорф за Мадрид во петокот, 21 февруари, кога доживеал тешка алергиска реакција поради убодот, пишува Canarian Weekly.
Веднаш му бил даден Урбасон, кортикостероид со антиинфламаторни и имуносупресивни својства, кој се наоѓал во комплетот за прва помош на екипажот.
И покрај нападот на овој пајак, авионот на Iberia безбедно слетал во шпанската престолнина, а патниците безбедно го напуштиле леталото.
Авионот бил задржан на аеродромот додека стручни тимови вршеле дезинсекција за да ја елиминираат или истераат заканата со осум нозе, јавуваат медиумите. Следниот лет, до градот Виго во Шпанија, доцнел три часа.
Истражителите веруваат дека пајакот влегол во авионот преку багаж од претходниот лет меѓу Мадрид и Казабланка. Иберија ерлајнс соопшти дека пилотот е добро и не претрпел долгорочни последици од прободувањето, објави српски Телеграф.


