Убиецот во бегство, МВР интензивно трага по него. Се уште е непознат идентитетот на лицето кое вчера попладне на преполна плажа сред бел ден пукаше во контроверзниот Дилавер Бојку па на моторцикл избега во непознат правец. Но,направен е опис кој ќе ја олесни потргата по него брифираат извори во истрагата за Тв 24. Полицијата трага по машко лице на возраст од околу 30 години, слабо развиен, висок 170 см облечен во темна маица со кратки ракави, темни кратки панталони и темни летни сандали на нозете. За време на чинот на главата носел бела летна капа и темни очила за сонце. Кога го убил Бојку се стрчнал да бега кон улицата ,,Партизанска”. ОД СВР Охрид информираат дека пред да се качи на моторот напаѓачот испукал уште неколку проектили кон две лица кои се обиделе да го фатат. Веднаш потоа му се губи секаква трага.
„Врз сега починатиот стрелал еден човек, значи едно лие го извршило делото. Пукал од непосредна близина од огнено оружје и веднаш потоа избегал од местото на настанот. По него се упатиле две лица со цел да го фатат и да го задржат се до доаѓањето на полициските службеници, но притоа осомничениот и можниот сторител и кон нив испукал два куршуми и потоа избегал. Напоменувам дека граѓаните на Струга и туристите можат да се чувствуваат сигурно и безбедно. Полицијата ги презема сите неопходни мерки да се пронајде сторителот и да се изнесе пред лицето на правдата“, вели Стефан Димоски, портпарол СВР Охрид.
Веднаш по инцидентот Бојку беше пренесен во струшката болница од каде потврдија дека убиството се случило во 16 и 45 минути. Телото на починатиот го донеле блиски роднини и пријатели кои вчера попладнето се собираа пред болницата, но не сакаа ниту да ги снимиме, ниту да изјават било што за инцидентот. Ресторанот во сопственост на Бојку до доцна синоќа го чуваа полициски службеници и вештаци кои утринава информираа дека ги набавиле потребните докази за истрагата.
Денеска во Струга мирно, граѓаните исплашени,не сакаа да зборуваат пред камера.Убиецот во бегство, телото на починатиот предадено на обдукција.Обвинителството трага по убиецот но и мотивите.Јавноста и понатаму шпекулира – крвна одмазда или нарачано убиство го лиши од живот контроверзниот Дилавер Бојку.
Иако се плашат јавно стружани меѓу себе раскажуваат најразлични приказни за мотивот и причините за убиството на Леку. Едни велат дека е крвна одмазда помеѓу двете семејства од струшко која започнала уште пред две децении, а други пак дека е реваншизам на подземјето. Дилавер Бојку уште пред 20 ина години го доби прекарот ,,Балкански крал на проституцијата”. Во 2003 година беше осуден на затворска казна од 3 години и 8 месеци за кривично дело посредување во проституција. Од пред неколку години се вклучи во угостителскиот бизнис земајќи ја под концесија плажата ,,Аква Блу” каде вчера го изгуби животот.
извор: Телевизија 24


