Поплава во Сахара за прв пат по 50 години, еве како тоа изгледа

Се појавија драматични снимки од првите поплави во пустината Сахара по речиси 50 години, пренесе британски Гардијан.

Дводневните врнежи во септември го надминаа годишниот просек во неколку области на југоисточниот дел на Мароко и предизвикаа поплави, соопштија официјални лица од метеоролошката агенција на земјата на почетокот на октомври. Во Тагуните, село на околу 450 километри јужно од главниот град Рабат, за 24 часа се забележани повеќе од 100 милиметри дожд.

Сателитските снимки на НАСА го покажаа полнењето на езерото Ирики, езерско корито помеѓу Загора и Тата кое било пресушено 50 години.

„Поминаа 30 до 50 години откако имавме толку дожд за толку кратко време – изјави Хусин Јуабеб, претставник на мароканската метеоролошка агенција за Асошиејтед прес.

Ваквите дождови, кои метеоролозите ги нарекуваат екстратропски бури, би можеле да ги променат временските шеми во регионот во наредните месеци и години.

Во поплавите во Мароко минатиот месец загинаа 18 лица.

Сахара, која со 9,4 милиони квадратни километри е најголемата пустина во светот, се протега низ десетина земји во Северна, Централна и Западна Африка. Постојаните суши се проблем во многу од тие земји бидејќи екстремните временски услови се зголемуваат поради глобалното затоплување.

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести