Португалските синдикати денеска почнаа генерален штрајк поради што е прекинат железничкиот сообраќај, стотици летови се откажани, училиштата се затворени, а во болниците се примаат само итните случаи.
Тоа е втор генерален штрајк за шест месеци, организиран поради планираната владина реформа на Законот за работни односи.
Реформата предвидува отстранување на ограничувањата за аутсорсинг и олеснување на отпуштањата од оправдана причина, што ќе им овозможи на компаниите да одбијат да ги вратат вработените во случаи на нелегален отказ.
Реформата би можела да ги влоши условите за работа со утврдување на привремено вработување, дерегулирање на работното време, олеснување на отпуштањето на работниците и ограничување на правата на штрајк и заштитата на родителите, изјави директорот на најголемиот синдикат во Португалија и организатор на протестот ЦГТП, Тијаго Оливеира.
Прелиминарните разговори помеѓу синдикатите и владата не успеаја, а првиот генерален штрајк беше организиран во декември минатата година.
МИА


