Есмаил Кани, водачот на елитните сили Кудс во Иранската револуционерна гарда, наводно е жив, но под истрага од Иран за „големо нарушување на безбедноста“, информира „Middle East Eye“. „Sky New Arabia“ објави дека Кани доживеал срцев удар за време на испитувањето.
Кани не е виден во јавност откако Израел го уби лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, во воздушен напад кон крајот на септември. Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГ) отвори истрага за тоа како Израел успеал да открие каде ќе биде Насрала.
„Middle East Eye“ информира дека десет извори во Техеран, Бејрут и Багдад, вклучително и извори блиски до Хезболах и ИРГ, им кажале дека Кани, еден од главните ирански генерали, и неговиот тим се приведени и трае истрагата. Велат дека е во „куќен притвор“ и бил испрашуван од официјалните лица под директен надзор на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Кани стана главен на силите Кудс откако САД го убија претходниот водач Касем Сулејмани во јануари 2020 година. Израел го уби најголемиот дел од военото раководство на Хезболах во последните два месеци.
Поради ова, се појавија сомневања дека високи ирански команданти можеби биле компромитирани. Сомнежите се интензивираа кога претпоставениот наследник на Насрала, Хашем Сафиедин, наводно, бил убиен во друг напад на тајна подземна база на Хезболах, иако тоа сè уште не е официјално потврдено.
Се верува дека тој е убиен на состанок на Шура Советот на Хезболах, во кој има и највисоки лидери. За неколку минути по неговото пристигнување, Израел започна напад во кој урна четири станбени згради.
Кани пристигна во Либан два дена по атентатот на Насрала, придружуван од неколку команданти на ИРГ „за да ја процени ситуацијата на теренот“, изјавија извори за „Middle East Eye“.
Тие наведуваат и дека Кани требало да присуствува на седницата на Советот, на покана на Сафиедин, но во последен момент кажал дека нема да присуствува.
„Израел изврши напад на местото на овој состанок кој беше посилен од оној против Насрала. Главата на Сафиедин била она што се барала“, според извор близок до Хезболах.
Не е јасно каде е сега Кани, по нападот на Сафиедин е изгубен секаков контакт со него. Се веруваше дека и тој е убиен, но изворите велат дека тој не бил ниту ранет, ниту пак бил со Сафиедин на средбата.
-Иранците имаат сериозни сомнежи дека Израелците се инфилтрирале во ИРГ, особено оние кои работат во либанската сфера, така што сите тие во моментов се под истрага. Истрагата сè уште е во тек и сите опции се отворени, изјави за Middle East Eye командант на вооружена фракција.
Истрагата, наводно, се фокусирала на последните движења на бригадниот генерал Абас Нилфорушан, командантот на ИРГ кој беше убиен заедно со водачот на Хезболах.
– Пробивот беше 100 отсто ирански и нема сомнеж за овој дел, изјави за новинарите извор близок до Хезболах.
Тој додава дека атентатот на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије во јули во Техеран ги зголемил сомнежите дека иранските сили биле компромитирани.
-Иранците сега се обидуваат да го утврдат степенот на пробивот и неговиот извор. Пробивот е огромен, а загубите се поголеми отколку што некој можеше да очекува – заклучуваат извори за „Middle East Eye“.


